Роден ли е новиот Батенберг?!

///

Пишува: Атанас Величков

Додека го читате овој краток напис, патувам заедно со двајца многу драги за мене луѓе до вечните почивалишта на „контроверзните“ прилепчани Јордан и Димитар Чкатрови и војводата Никола Каранџулов. Си велам, а верувам дека и вие драги мои, ќе се согласите дека на спомнатите погоре не им недостасувал притисок од повеќе страни, додека ги живееле своите бурни, но за жал кратки животи, дадени пред олтарот на слободата на Македонија.

Дури и да ги погледнам мултиперспективно, за да не го губам чекорот на модерното време со уште помодерни пискливи научници, платени за тоа, да ни повторуваат до бесвест дека живееме во XXI век, револуционерите со кои го започнав овој напис си остануваат Бугари и се разбира херои на своите денови. Факт.

И покрај сите препреки со кои се соочиле, кои за нас нивните потомци, се речиси незамисливи, Чкатрови, Каранџулови, и уште десетици илјади други војводи, комити, јатаци, војници и офицери не попуштиле. Не скршнале од патот на револуцијата. И тоа слободно погледнете го мултиперспективно. Ќе рече некој, овие луѓе за Скопје се Македонци, за Софија се Бугари и тогаш во што е проблемот? За жал, има еден голем проблем. Тие десетици илјади луѓе, знајни и незнајни јунаци, не заслужуваат да бидат „убивани“ секогаш кога некој ќе се повика на нив, залепувајќи им ја етикетата на македонизмот. Само со една единствена цел, да ги спаси од притисок, своите невалидни и никаде во светот признати национални позиции.

Во денешно време, следбениците на хероите, кои ги загубија своите животи во борбата за слобода, тие следбеници кои одбиваат да станат „модерни и мултиперспективни“, одат со цвеќе од гроб на гроб, немили недраги и држат говори. За да не се заборави. За да остане жив споменот за подвигот и пред сè за нивната жртва за бугарската кауза во Македонија.

Цвеќињата венат, говорниците еден по еден си одат, повеќето од нив ги однесува времето со себе си, а во првите редови за медалите секогаш се местат плачковците. Нив сè некој „ги навредува и ги обвинува, за прародителскиот азијатски грев“, или пак ги „предава“ откако ќе си ги затворат дуќанчињата за продавање „бугарштина“. Што се случува со останатите? Тие се соочуваат со притисоци, но нема да ги слушнете да плачат. Тивко ќе работат и ќе се борат за својот опстанок, оти треба да опстанат, оти одбиваат да се предадат. Темната страна на идеологијата така ги изучила, таа е нивната учителка во која се лудо заљубени и не сакаат да ја остават. Нивните права се тоа што треба да се брани, оти за истите и да сака никој не може да се договори мултиперспективно.



Во денешно време заради фактот што отсечно и гордо, како што ѝ доликува, го покрена прашањето за правата на Бугарите во Македонија, официјална Софија се соочува со притисок. Притисок што некои си мислат дека ќе го донесе последниот печат- бугарскиот во книжулето со потврди за дивиот македонизам, оној антибугарскиот, склепан во Москва и ширен од агентите на НКВД и нивните соработници во Софија, Белград и Скопје. Заради тоа, на одговорните лица во Софија треба да им биде јасно дека решението „Оставете ги Бугарите во Македонија на раат да шетаат по гробишта додека еден по еден си заминуваат од овој свет“, не е решение. Токму тоа е печатот, што го бараат оние, кои за да не трпат притисоци ја сменија страната. Борбата освен за мртвите херои е и за живите. Тие што останале доследни на својата суштина и својата крв.

Бугарскиот државник, кој ќе успее да го реши прашањето со правата на Бугарите во Македонија, ќе ја спаси од сигурна гибел българщината во Македонија која повеќе од 100 години е поставена по агресивна асимилација и уништување. Како резултат на тоа, благодарноста на идните поколенија македонски Бугари, ќе го постави неговиот лик, како мајсторски нацртан портрет во колективната историска меморија на бугарскиот народ, редум до портретите на Васил Левски, Христо Ботев, Гоце Делчев и државникот кој го обединил Књажество Бугарија со Источна Румелија и покрај несогласувањата на големите сили, првиот монарх на Третата бугарска држава Александар I Батенберг.

Примерот со неговата одлучност нека биде темел за секоја следна одлука на официјална Софија, поврзана со незараснатата рана Македонија и нејзините чеда, кои одбиваат да го прифатат монструозниот инжинеринг на Сталин, Тито и Димитров извршен пред повеќе од 70 години.

PS: Честит ден на Независноста браќа Бугари од Бугарија, Македонија и целиот свет!

Претходна статија

Отворено писмо до првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски

Следна статија

Колев до Симовски: Дали после пописот секое лице ќе може да ги провери своите податоци?

Најново од Истакнато