НИКОЛА МИТРЕВСКИ: „АКО ИМА ПЕРФЕКТЕН ДЕН, МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СЕ НОСИ СО СЕКОГО НА СВЕТОТ!“
Уште е рано да се зборува за очекувања и калкулации со противниците на Македонија на СП во Германија и во Данска, но правилен и здрав е ставот сите да се гледаат со исти очи, без поделба на слаби и силни.
Еден од нашите голмани, Никола Митревски, вели дека мора а се оди чекор по чекор и присебно, а ако ни се случи да имаме перфектен натпревар, може да паднат и фаворитите Хрватска и Шпанија.
„Да се подготвиме доволно добро за првиот натпревар, па потоа да одиме ден по ден, натпревар по натпревар. Прво да победиме против Јапонија и Бахреин, па потоа ќе мислиме за останатите. Не би сакал да потценам никого и да ги пресметам бодовите со некого однапред. Досега сме имале доста негативен скор со Шпанија, но може да се случи еден наш перфектен ден, нивен лош и да победиме, исто и против Хрватска. Ние знаеме дека можеме да се носиме со секоја селекција на светот“, вели Митревски.
Враќањето на форматот со втора групна фаза или т.н. „главна рунда“, носи уште три нови натпревари, кои според Митревски се шанса да се оствари подобар пласман, отколку претходниот систем, кога директно доаѓаа елиминации.
„Сега малку е стеснат кругот со новиот формат, но ако успееме да ја поминеме првата група, во втората веќе ќе бидеме еден чекор понапред отколку да се играше класично осминафинале. Со тоа што е подмладена селекцијата паѓа искуството, но секој треба пред се да си постави своја сопствен цел, да се прикаже секој лично во свое најдобро светло на СП, да даде максимум“, коментира голманот.
Уште е тазе поразот од Грција, во ноември, па сигурно и тој има придонес во атмосферата на националниот тим. Но, Митревски вели мора да го оставиме зад нас.
„Грција е минато веќе и треба да извлечеме пораз од тој болен пораз. Да ги подобриме нашите слабости од тој меч, за да се подобриме во многу подобро светло на СП“, додава Митревски.
СП во Германија за нас ќе почне на 11 јануари, кога играме со Јапонија, а потоа ќе се соочиме со Бахреин, Хрватска, Шпанија и со Исланд.
Извор: Спорт1