|

Николоски: Повикуваме на обединување и заедништво, ќе ги поддржиме кандидатите на Алијанса за Албанците и Алтернатива

ИК на ВМРО-ДПМНЕ денес одржа седница на која се дискутираше актуелната ситуација во Македонија поврзана со изборите и одржување на вториот круг на локалните избори, како и за поддршката за места каде ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати.

-Повикуваме на заедништво, слога и обединување кон заедничката цел на сите без разлика на политичка, етничка, верска или друга припадност.

Препорачуваме дека е време за обединување на сите сили кои се против политиките на власта. Силите кои сакаат добро, напредок, сакаат нова подобра иднина и промени, проекти и победи.

Повикуваме на обединување на сите прогресивни сили против власта која носи порази, омаловажувања, неуспеси, го одзема достоинството.

Таквото обединување значи масовна мобилизација на граѓаните кои бараат подобра иднина, успеси и работа. Секоја наша разлика е помала од заедничката цел – Македонија да ја развиваме, економски да зајакнува, политички да се интегрира. Мора да ги срушиме ѕидовите на поделби и омраза наметнувани од власта. Затоа е потребно мобилизација, излезност и народно обединување на граѓаните.

За таа цел ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива.  Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална.

Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта, изјави Александар Николоски потпретседател на партијата.

Извор: Zoom. mk

Слични Објави