НИМХ издаде црвено предупредување за обилни врнежи во Северна Бугарија
Националниот институт за метеорологија и хидрологија (НИМХ) издаде предупредување за големи врнежи и црвен метеоаларм за седум области во Северна Бугарија, јави БГНЕС.
Црвен код е во сила за областите Плевен, Ловеч, Габрово, Велико Трново, Русе, Разград и Силистра, каде се очекуваат врнежи над 65 милиметри. Оранжев код е издаден за областите Враца, Трговиште и Добрич, додека жолт код за интензивни врнежи од дожд важи за областите Монтана, Шумен и Варна.
Во градот Русе, неколку делови се поплавени поради непрекинати врнежи што траат повеќе од 24 часа. Еден од најпогодените региони е околу Универзитетската болница „Медика“, каде што водата не може да се одлее поради затнати шахти. Поплавен е и дел од паркингот што ја опслужува болницата и соседните згради.
Под вода се и делови од булеварите „Бугарија“ и „Христо Ботев“, како и улицата „Чипровци“. Поплавен е и дел од индустриската зона во близина на Слободната зона, каде што има заглавени автомобили.
Според податоците на хидрометеоролошката станица во Русе, во последните 24 часа наврнале речиси 115 литри дожд на квадратен метар, што е повеќе од двојно од просечната месечна норма од 57 литри на квадратен метар.

