Нов електронски модул за транспарентност на донациите во здравството
Министерството за здравство воведе нов електронски модул за донации, кој обезбедува целосен и транспарентен преглед на сите донации примени од Министерството и јавните здравствени установи.
Модулот, достапен на donacii.zdravstvo.gov.mk, нуди детални информации за секоја донација – податоци за донаторот, вредноста и видот на донацијата, без разлика дали станува збор за медицински материјали, апарати или друга опрема. Според статистиката, 85% од досега пристигнатите донации се состојат од медицински материјали, меѓу кои лекови, вакцини и апарати за јавните здравствени установи.
„Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации. Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем. Досега во модулот се евидентирани над 400 донации, процесот на регистрирање се уште е во тек и оваа бројка ќе биде уште поголема, што зборува за тоа дека расте довербата на меѓународните партнери и пријателски држави во нашиот здравствен систем“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Целта на модулот е да овозможи координација и одобрување на донациите и да се избегнат ситуации во кои пристигнува опрема со различни оперативни системи или апарати за кои нема сервис и резервни делови во земјата.
„Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација“, додаде министерот Алиу.

