НОВ ЛИК ЗА ПЛАТОТО ПРЕД ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА ВО КИЧЕВО

Со средства на Министерството за култура на Владата на платото пред НУ Центар за култура „Кочо Рацин” во Кичево, започна промената на старите плочки и на нивно место се поставуваат нови травертин плочки, со кои ќе бидат обложени и скалите пред Центарот за култура, но ќе се постави и ново осветлување.

Зафатот треба да заврши до крајот на овој месец, со што ќе се подобри изгледот на Центарот.

-Со средства обезбедени од Министерството за култура во износ од над 1.200.000 денари, во тек е реализацијата на проектот за промена на старите и во добар дел оштетени плочки, со нови травертин плочки, на платото пред Центарот за култура како и ново осветлување. Новите травертин плочки ќе бидат поставени на површина од околу 200 квадратни метри, каде покрај платото, нови травертин плочки ќе добијат и скалите од влезот на центарот. Целокупниот зафат ќе биде завршен до крајот на овој месец, со што практично летната сцена целосно подготвенма ќе ја дочека следната сезона, кога на ова плато се случуваат повеќе културни настани, вели Мазлам Османи, директор на НУ Центар за култура во Кичево.

Покрај поставувањето нови травертин плочки, додава, се монтира и нов алуминиумски плафон на влезниот дел, а ќе бидат монтирани и нови тавански сијалици. Ќе се обидеме, вели Османи, да поставиме и кров за на некој начин овој дел да го користиме како летна сцена.



Слични Објави