НОВ СКАНДАЛ: ГЛАВНИТЕ ЛУЃЕ ВО ГЕРМАНСКИОТ ФУДБАЛ ОБВИНЕТИ ЗА ПРОНЕВЕРА, ЌЕ НАСТРАДА И БЕКЕНБАУЕР!

Швајцарското јавно обвинителство подигна обвинение против тројца членови на организацискиот комитет на СП 2006 во Германија, плус еден Германец кој имал висока позиција во ФИФА, а нема да биде иземен ниту легендарниот Франц Бекенбауер поради проневера на пари и тоа во висина од 6,7 милиони евра.

Германија во 2006 година го организираше СП на кое триумфираше Италија, но самото добивање на домаќинството беше спорно и многумина се сомневаа дека е наместено, зашто во последен момент се отстапи од идејата на тогашниот прв човек Сеп Блатер да го однесе Мундијалот во Јужна Африка, што четири години подоцна и се случи.

Германија перфектно го организираше тогашниот Мундијал, но сега на површина излегува тежок корупциски скандал и тоа преку швајцарското обвинителство, откако германското поради недостиг на докази се откажало од обвинение за главните луѓе. Обвинети се бившиот прв човек на германскиот фудбал Тео Цванцигер, соработникот Хорст Шмит, како и генералниот секретар и член во ФИФА, Урс Линси, додека наследникот на Цванцигер, Волфганг Нирсбах е обвинет за соучество во измама.

Четворката е обвинета за измама со 6,7 милиони евра и прикривање на целта за уплата на тие средства. Но, освен оваа четворка на тапет е и легендарбиот Бекенбауер, кој на почетокот на новиот милениум беше посочен како главна фигура која на Германија ѝ го обезбеди Лундијалот 2006. Бекенбауер беше претседател на организацискиот одбор на СП, а сега постапка против него ќе се води одвоено од оваа четворка и тоа поради „здравствената состојба“, па затоа и во обвинението против другите не е вклучен.

Парите од 6,7 милиони евра биле уплатени во 2005 година како наводни трошоци за отворањето на СП, кое се одржа една година подоцна, но всушност тие пари завршиле за други намени и практично главните луѓе направиле финансиска измама.

Извор: Sport1



Слични Објави