Нова демонстрација во Софија во поддршка на Украина: Ние не сме неутрални!
Демонстрација во поддршка на Украина се одржува вечерва во центарот на Софија, јавува БГНЕС.
Демонстрацијата е насловена „Ние не сме неутрални!“, главно барање на учесниците е Бугарија да испрати „воено-техничка“ помош за Украина.
Причина за протестот е масакрот извршен од руските трупи во Буча. Организаторите се истите оние кои пред две недели го иницираа големиот протест за поддршка на Украина на кој се собраа повеќе од 10.000 луѓе.

Поворката почна во 18 часот и 30 минути локално време пред зградата на Народното собрание, ќе помине покрај Рускиот Културно информативен центар, каде демонстрантите ќе остават стари чевли во спомен на жртвите во Украина, а ќе заврши пред зградата на националната телевизија.
„Не можеме да останеме неутрални како држава. Мора да и помогнеме на Украина да ги заштити своите деца од оваа неспоредлива агресија, вклучително и со воено-одбранбена помош. Сите наши партнери во Европската унија веќе го направија тоа без нас и Унгарија“, велат организаторите на протестот.
