| |

Новата бугарска влада и македонските илузии

Пишува: Владимир Перев

1.
Конечно, политичките партии на нашиот “источен сосед“, како што овде “од милост“ ја нарекуваат Бугарија, успеаја да формираат политичка влада, толку посакувана кај нас, нивната “западна с’седка“! Умерен оптимизам и пресметана внимателност е првичниот впечаток од написите во медиите и изјавите на политичарите. Лесна доза на оптимизам кај сите нас, секој од свои причини и побуди! Највпечатливото е брзото реагирање на министерот Муцунски и неговата честитка до бугарскиот колега Георг Георгиев, нивниот телефонски разговор. За некои овде, уште повпечатливо е сознанието добиено сега, по изборите, дека тие двајцата се познаваат уште од порано, од работата во европските институции и дека релативно добро се разбирале. Се говорат големи приказни за русофилската зависност на Бугарија, но и за силната приврзеност на земјата кон сопствената
европска и натовска политика. Убаво срочени и избалансирани изјави, се под силната контрола на долгата рака на раководството на ДПМНЕ.

2.
Не знам што ни стана нам на македонците, ама и на оние од Бугарија, сега, на заедничко изненадување, да ни вадат разни фотографии и да даваат изјави дека и од порано добро се познавале и се разбирале. Последниве години редица познати општествени работници, политичари, уметници, актери, музичари, научници, студенти и воопшто, сите општествени групи, да потенцираат дека имаат пријателаства во Бугарија, дека добро се разбираат, имаат поминато денови и ноќи заедно и дека меѓу нив немало никаков проблем…проблем биле политичарите! Тоа се слуша и од македонската и од бугарската страна, а го изјавуваат некои нивни и наши политичари од вториот ешалон. Понекогаш можат да се видат и заеднички фотографии на македонски и бугарски функционери и уметници од нивните заеднички кафеански средби, ситуации кои во Источна Македонија се нарекуваат “љуби свиња магаре“, ситуација заради која одбегнуваат да се вратат дома до раните утрински часови. А јас горкиот си мислев дека само јас ги познавам Каракачанов, Џамбаски, Љубчо Нешков од БГНЕС, Милена Милотинова, Иво Иванов и ред други. Пред неколку години разбрав дека и Стојан Андов ги познавал моите роднини во Софија, престојувал кај нив на гости и спиел даже во истата соба во која и јас обично престојувам. Убаво се разбирале меѓу себе “по кавадаречки“, барем така Стојан напиша…статија полна со позитивна енергија. Истовремено ми се разби и втората моја голема илузија – дека само јас во оваа земја знам да читам и разбирам бугарски и дека само јас следам што има на БГНЕС и БТА. Сега гледам дека горко сум се лажел. Целата македонска новинарска фела, знае и разбира бугарски подобро од мене и редовно, уште пред да отворат на МИА, отвораат БГНЕС, БТА и Фактор.бг. “Нужда закон мења“ велат србите и дебело се во право за таа работа. Затоа, да не се залажуваме, ниту овде, ниту во Софија.

3.
Онаа “мала група македонски бугари“, како што овде нѐ нарекуваат, не сме подложни на манипулациите на тековната политика, на изјавите на политичарите од двете страни на границата, како и на третманот кон нас како кон оние кои треба да се носат во институции и да се лекуваат од страшната македонска болест – лековерноста. Таа фаза одамна, многу одамна сме ја надминале, носејќи ги трагедиите на нашите предци, трагедии произлезени од нивната лековерност. Последните бугарски политичари на кои македонските бугари им верувале биле Андреј Љапчев и кругот околу него. Потоа доаѓа презирот кон предавниците на бугарската кауза, конвертитите Кимон Георгиев, Дамјан Велчев и ред други од профашистичкото и проболшевичко крило на бугарските комунисти, за работите да ги доврши Георги Димитров, голото и пијано оружје во рацете на Коминтерна и Сталин. Ние гледаме со отворени очи на ситуацијата која надоаѓа, ние не сме слепите поданици на Русија, која само го ползува, презира и понижува бугарскиот народ…доста ни се нам и србите, кои не презираат и понижуваат.
Новото време донесе нови лидери во борбата за светата кауза на македонските бугари и на целото бугарско племе. Румен Радев, Екатерина Захариева, Бојко Борисов, Теодора Генчовска, тихиот и повлечен Бојко Ноев, отворија нова страница во одбрана на бугарскиот идентитет. Позициите на Парламентот на Република Бугарија по однос на Македонија од октомври 2019 год и “францускиот предлог“ преточен како став на ЕУ, се позициите од кои треба да тргне новиот бугарски министер за надворешни работи Георг Георгиев.

Прво беше фазата на тотално игнорирање на правата на македонските бугари, дури и нивното физичко опстојување. Потоа дојде фазата на вадење фотографии и заеднички седенки со пријатели и роднини. Денес сето тоа треба да се надмине. Бугарија, со својата редовна политичка влада, влегува во фаза во која ќе треба да ги спроведе позициите на сопствениот парламент и на Европската унија, во работен материјал за добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија. Реални, вистински добрососедски односи со почит кон себе си и кон другите.

Сѐ друго се празни приказни, илузии и загубено скапоцено време!



Слични Објави