|

Новата претседателка на антикорупциската комисија: За нас е важно секоја иницијатива да заврши со правосилна судска одлука

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе работи независно и објективно, и нема да дозволи притисоци и влијанија, изјави новата претседателка на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска.

Таа рече дека и претставува чест и задоволство да сработи во институција која во минатото докажа дека е поставена на високи професионални стандарди.

„Се надеваме дека со нашиот личен и професионален капацитет ќе придонесеме за зголемување на интегритетот на државата“, рече Димитровска.

Новата претседателка истакна дека ДКСК сами како институција не се доволни за да се заштити државата од корупцијата која е генератор на многу проблеми во општетството, и  во таа насока ги спомена медиумите, владините институции и граѓаните кои се од особена важност за успех во борбата.

Како што посочи, значајна алка во целиот систем е и Јавното Обвинителство, пришто за ДКСК е важно секоја иницијатива или покрената постапка да заврши со правосилна судска одлука.

„Нема да потклекнеме на притисок, ќе бидеме транспарентни и одговорни“, тврди претседателката.

Димитровска која доаѓа од позицијата државен ревизор, пред медиумите истакна дека нејзината мотовација е лична и професионална, имајќи го во предвид нејзиното долгогодишно искуство во ревизијата.



Слични Објави