|

Нови правила во сообраќајот: Забрана за користење слушалки и телефони кај пешаците и возачите

Од денеска стапуваат во сила измени кои имаат за цел поголема заштита на најранливите учесници во сообраќајот и намалување на бројот на несреќи предизвикани од невнимание.

Според новите одредби, пешаците при преминување на улица или велосипедска патека повеќе нема да смеат да користат слушалки во двете уши, мобилни телефони, таблети, смарт часовници и други уреди што го одвлекуваат вниманието.

Идентична забрана се однесува и за возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли. Исклучок се прави само за специјализирани комуникациски системи интегрирани во заштитните шлемови. Новите правила ги опфаќаат и возачите на електрични тротинети, на кои целосно им е забрането користење електронски уреди додека управуваат.

„Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите нас“, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, нагласувајќи дека измените воспоставуваат нови стандарди на одговорно однесување.

Предвидените казни изнесуваат 40 евра за пешаците и 50 евра за возачите на велосипеди, мопеди и електрични тротинети кои ќе бидат затекнати како користат слушалки, телефони или слични уреди при движење низ сообраќајот.

Слични Објави