Нови правила за патување во ЕУ – отпечаток и фотографија наместо печат

Од 12 октомври 2025 година во земјите од Шенген зоната стартува новиот дигитален систем ЕЕС (Entry/Exit System), со кој се укинуваат досегашните печати во пасошите и се воведува биометриска регистрација.

Граѓаните при првиот влез во некоја од земјите на Европската унија, како и во Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, ќе мора да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија. Податоците ќе бидат евидентирани во системот, а при секое следно патување ќе се врши само електронска потврда на граничните премини.

Цели и имплементација

Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека новиот систем ќе придонесе за побрзо и поефикасно преминување на границите, но и за зголемена безбедност и спречување на злоупотреби.
Системот ќе се воведува постепено, во четири фази, со рок од шест месеци.

Новите правила нема да важат за деца до 12 години, како и за лица со двојно државјанство.

Спроведување кај соседите

Македонија, која граничи со две членки на ЕУ, ќе се соочи со промени на премините со Грција и Бугарија.

Од Грција е потврдено дека системот целосно ќе се применува од 12 октомври на сите премини.

Бугарија најави дека од крајот на октомври системот ќе се воведе на премините Деве Баир и Ѓуешево, додека останатите ќе бидат опфатени на крајот на оваа или почетокот на следната година.

Што следува потоа?

Вториот дел од реформите е воведувањето на системот ЕТИАС (European Travel Information and Authorisation System) – електронска регистрација за патници од трети земји, кој ќе стартува од крајот на 2026 година.

ЕТИАС регистрацијата ќе биде онлајн и ќе чини 20 евра. Одобрението ќе се издава за неколку минути и ќе важи три години. За лица под 18 и над 70 години апликацијата ќе биде бесплатна.

Рокас појасни дека ЕЕС и ЕТИАС се два одделни, но комплементарни системи, кои ќе функционираат паралелно и ќе го олеснат патувањето од трети земји во ЕУ.

Слични Објави