| |

Лагард: Стабилноста е најголемиот позитивен ефект што Бугарија ќе го почувствува по преминот кон еврото

Гласот на Бугарија ќе биде слушнат на седниците на Европската централна банка (ЕЦБ), увери гувернерката на ЕЦБ, Кристин Лагард, по првата седница по летната пауза, јавува БГНЕС. На состанокот за првпат учествуваше гувернерот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, во својство на набљудувач, а од 1 јануари, по воведувањето на еврото во земјата, тој ќе има полноправно учество заедно со останатите 20 гувернери од земјите–членки на еврозоната.

Според Лагард, стабилноста е најголемиот позитивен ефект што Бугарија ќе го почувствува со преминот кон еврото.

„Секој член околу масата, секој од 21-те, има глас што се почитува и се зема предвид на ист начин, без разлика дали земјата е мала или голема. Кога ги водам состаноците, јас доследно се придржувам кон тој принцип. Тоа го сметам за навистина важно“, истакна таа, цитирана од БНР.

Лагард ги охрабри потрошувачите во Бугарија да внимаваат на коректноста при пресметувањето од лев во евро и изрази увереност дека властите имаат механизми за спречување на некоректни практики.

„Некои трговци ја користат можноста со конвертирањето за благо зголемување на цените. Тоа се случува. Но сметам дека имате алатки кои им овозможуваат на потрошувачите да проверат дали конвертирањето е точно. Разбирам дека од август имате калкулатор за пресметка и задолжително прикажување на цената во лева и во евра“, додаде таа.

Слични Објави