Ова утро светот се разбуди со веста за убиството на Чарли Кирк
Елисавета Белобрадова
Највредното што го стекнавме кога имав 13 години беше слободата на говорот. Тогаш светот беше црно-бел и слободата на говорот беше јасна – секогаш добра. Што и да кажеш слободно, тоа се покажуваше како исправно. Лесно беше да застанеш на страната на слободата на говорот и тогаш единствената прифатлива смрт беше таа на луѓето кои умреа борејќи се за таа слобода, згмечени од тоталитаризмот.
Триесет и пет години подоцна слободата на говорот е матна материја, исткаена од илјадници нијанси. Се појавија нови термини како „говор на омраза“. Многу луѓе научија да го претвораат говорот во оружје.
Тука, сепак, се поставува прашањето за убиството. Тоа е апсолутно неприфатливо и е исклучително опасен акт, кој може да иницира неповратни настани во една држава, која долги години се нарекуваше „land of the free“.
Пострашна е реакцијата на општеството. Гледаме луѓе кои се радуваат, и други, кои плачат и се потресени. А најопасното е што потресените ги користат видеата на радувачите за да се заколнат дека уште повеќе ќе се радикализираат.
Ова е чекор кон епоха на целосно спротивставување, кон неповратно спротивставување.
Човечкиот живот и слободата на говорот се бескомпромисни вредности.
Посегнувањето врз човечкиот живот поради зборови за мене е незамисливо. Ако стигнеме дотаму да се согласиме дека секој кој злоупотребува со зборот „заслужува да умре“, значи сме изгубиле сè што го изградивме во последните 200 години како општество.
Ако стигнеме дотаму да објаснуваме „што ќе посееш, тоа ќе пожнееш“, ништо не сме разбрале. Тоа што Кирк го посеал, тоа што неговиот убиец го посеал, ќе го жнееме сите ние.
Слободата на говорот е толку тежок товар, што луѓе умираат под нејзината тежина. Луѓе убиваат под нејзината тежина.
Јас доаѓам од времето кога да се бориш со заби и нокти да се изразиш слободно беше највисока цел.
Сега безброј луѓе ја ставаат слободата на говорот како параван за сопствените цели, за радикализација и манипулација на вистината, се додека тоа им одговара.
А други безброј луѓе немаат сила да им го признаат правото да зборуваат. Немаат сила да се согласат, кога се судираат со чистата вистина, но не им се допаѓа, бидејќи вистината никогаш не е убава, а уште помалку удобна.
И ќе испадне дека едноставно немаме сили да ја издржиме слободата на говорот, кога ни зборува некој со кого не се согласуваме. Немаме сили достоинствено да ја упражнуваме таа слобода и да не нанесуваме штета. И ќе платиме огромна цена. Сите.
Затоа што, тоа што е посеано, тоа и ќе се пожнее.
