| |

НОВИ РОЧИШТА ЗА „ТАЛИР“, „ТОРТУРА“ И „ТАРИФА“

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за „Талир“, „Тортура“ и „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство.

Во случајот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на бранителот на правниот субјект ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Ново рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Тортура“ на СЈО за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година.

Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Антевски-Пуки, и уште петмина припадници на единицата.

На обвинителната клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ  Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“.



Слични Објави