Нови закани кон Религија.мк – Владиката Григориј овој пат сака да се сокрие зад државата
Пишува: Марјан Николовски, главен уредник на www.religija.mk
Намерата на одредени структури во МПЦ-ОА да ја замолчат Религија.мк не прекинува. Напротив, добива на интензитет. Јавниот линч по социјалните медиуми е само еден од аспектите за притисок.
Откако пропадна обидот за црковен суд, сега со цел да се засилат заканите, притисоците и уцените, се прави обид да биде вмешана државата, преку нејзините институции. Истиот лик од МПЦ-ОА, првиот пат се обиде да се сокрие зад Синдот на МПЦ-ОА, а сега се обидува да се сокрие зад државата.
Владиката Григориј, во име на Кумановско-осоговската епархија со која раководи, поднел кривична пријава до Јавното обвинителство со која бара мој прогон поради како што навел „Ксенофобија, расизам и шовинизам, ширен по пат на компјутерски криминал“. Како аргументи во пријавата навел текст објавен во Религија.мк од јули 2023 година.
Во тој, а и во кој било друг текст објавен на Религија.мк, нема никави елементи од кривичното дело за кое тој мене ме обвинува. Нема ниту елементи на клевета, или навреда. Но, и да се почувствувал навреден, или наклеветен, Григориј можел да поднесе граѓанска тужба за клевета, или навреда. Но, не! Тој во обид да избега од соочување на суд, се обидува да ја втурне државата, таа мене да ме гони кривично за пишан збор, а тој удобно од манстирските одаи да го чека денот кога јас ќе треба да заминам зад решетки, за да тој извојува победа над критичкото новинарство, какво што јас користам за неговата јавна работа во МПЦ-ОА.
На барање од Обвинителството, јас вчера бев повикан да кажам што мислам за таквата пријава. Тоа го сторив во присуство на правен застапник и во договор и координација со Здружението на новинари на Македонија, каде случајот е пријавен и од каде добив правен совет.
Таму, кај обвинител, кажав што и како мислам за овој потег на владиката Григориј и очекувам институциите да си ја завршат својата работа.
Но, сега сакам да ја запознаам јавноста за мотивите поради кои тоа го прави Григориј.
Владиката Григориј е претставник на раководната структурна на МПЦ-ОА, член на Синодот и неговата работа спаѓа во доменот на професии од јавен интерес. МПЦ-ОА е најголемата верска организација во Македонија, уставно третирана, со исклучително важно место во општеството чиј домен на делување е регулиран со закони и Устав и институција со висока одговорност во општеството, особено општество во кое верските чувства се сензитивна категорија на граѓаните. МПЦ-ОА не е приватна организација, туку јавна. И предмет на интерес на јавноста е нејзиното функционирање, нејзиниот капацитет на одговорност, нејзината улога во општеството и тој домен на јавен интерес е еден од предметите на интерес на новинарската професија. Јас, религија.мк, или кој било друг новинар, или медиум, имаме општествена одговорност да ја следиме, анализираме и критикуваме работата на МПЦ-ОА, нејзините јавни претставници, како и секоја верска институција, која има капацитет да предизвикува можни конфликти во општеството. Некои медиуми тоа го прават повремено, некои помалку, некои повеќе. Религија.мк тоа го прави секојдневно, затоа што е специјализиран и единствен медиуми од тој профил во државата.
Владиците на МПЦ-ОА треба да знаат дека критичкото новинарство не е никаква ксенофобија, ниту расизам, ниту шовинизам, ниту говор на омраза. А исто така треба да знаат и дека информациите на интернет порталите не се ширење на криминал по компјутерски пат, туку новинарство. Добро е еднаш за секогаш да научат дека тоа што со прст ќе посочат кон некого, или вака и слично ќе се обидат да вршат прогон, нема да го замолчат новинарството да пишува за нивните скандали.
Во текстот за којшто Григориј бара мене државата да ме гони за ксенофобија, јас критички пишувам за неговата улога во МПЦ-ОА, неговите релации до Руската православна црква, како и за мал дел од неговата историја во МПЦ-ОА. Мој домен на интерес не е што тој прави во неговата спална соба во манастирот, туку како тој раководи со една од епархиите на МПЦ-ОА.
Ако мојот критички збор за улогата на Руската православна црква во светот, како продолжена рака на воената политика на Путин е ксенофобија, дали тоа значи дека целиот свет е ксенофобичен? Кои се мотивите на Григориј пак да подига постапки против мене и да штити некаква наводна ксенофобија кон Русија? Што е тој владика на МПЦ, или на РПЦ?
Ако владиката Григориј не знае, да му посочам дека Македонија е членка на НАТО, а Русија ја вброи во списокот на непријателски земји. Рускиот патријарх е на црната листа на Европската Унија и под истрага за поддршка на воените злосторства во Украина. И ако јас со моите пишувања предупредувам на опасноста од руски влијание во Македонија преку МПЦ-ОА, поради овие и вакви околности, тоа не може да биде ксенофобија, туку моја општествена одговорност како новинар во едно демократско општество. Ксенофобија може да биде третирано во Белорусија или во Северна Кореја.
Ако јас треба да одговарам за ксенофобија, затоа што сум напишал дека „рускиот јарем ја влече МПЦ-ОА во пропаст“, тогаш зошто Григориј не поднесе кривична против државата за ксенoфобија, која му забрани влез на Васијан Змеев и протера уште десетина руски дипломати од државата, кои ја имаа улогата да ја контролираат работата на МПЦ-ОА?
Мене ми е сосема јасно што Григориј го погодило в срце во тој текст. Но, тоа што тој ќе покрене лажна кривична пријава против мене нема да го смени фактот дека тој со одлука и потпис на Архиепископот Стефан беше разрешен од позицијата Секретар во Скопската Епархија за финансиски малверзации. Тоа решение е објавено во Службен весник на МПЦ-ОА, а причината сите во МПЦ-ОА ја знаат.
Тоа што тој се обидува, сокривајќи се зад државата од мене да направи крималец, нема да го смени фактот дека неговиот избор за владика е спорен, согласно Уставот на МПЦ-ОА.
И, навистина нема никаква потреба дополнително да образложувам и анализирам, колку е ступидна и лажна пријавата на Григориј против мене за пишан збор, бидејќи тој е јавен, видлив и подлежен на јавна критика. Како што јас ги трпам јавните навреди и линчови против мене од неговите инструирани протагонисти на социјалните медиуми, така може и тој.
Но, сепак мотивот на неговата кривична пријава против мене е сосема јасен. Таа има за цел да предизвика заплашување, страв, уцена, притисок и јавна осуда, а со тоа и самоцензура во моите пишувања во иднина.
Бидејќи јас сум новинар, поединец во ова општество, а Григориј е владика и претставник на најголемата верска заедница во државата, општествено третирана со авторитет, а честопати политичките и општествените претставници на неа и на него, или сличните на него, обележани со мантија, гледаат како на некаков надавторитет. Знаејќи ги влијанијата на таквите како него во политичките кругови во државата, реално согледувајќи ги состојбите, решив и овој пат да ги известам сите значајни фактори во државата, домашни и странски, со цел да побарам заштита, за себе и за правото да пишувам слободно и критички со аргументи.
За овој случај веќе е известено Здружението на новинари на Македонија, од каде ја добив првата поддршка, а преку ЗНМ ќе побарам известување на сите европски и светски новинарски здруженија. За притисоците со кои се соочува религија.мк, повторно ќе ја известам Американската амбасада во Скопје, амбасадата на ЕУ, ОБСЕ, Советот на Европа и сите релевантни меѓународни институции.
Ќе го известам и Синодот на МПЦ-ОА, како и останатите помесни православни цркви.
Религија.мк ќе продолжи да постои, како и досега. Ќе продолжи да биде критичар на негативностите кај верските заедници и поддржувач на општествената одговорност на истите. Постоењето на религија.мк е да шири меѓуверска толеранција и почит, во општества како македонското, и нема никогаш да се согласи со нечиј став да биде обвинувана за ширење ксенофобија, шовинизам, расизам или верска омраза. Религија.мк за овие осум години постоење доби голем број признанија токму поради поддршката на верската толеранција, иако токму истите, псевдозилоти, кои сега ја обвинуваат за ксенофобија, тогаш ја обвинуваа за екуменизам …
А, некој кој се почувстувал навреден, наклеветен, го има граѓанскиот суд, каде за каква било тужба јас ќе се соочам со одговорноста, ако сум ја направил.