Новинарите на протест со залепени усни: Обезбедете услови за работа, без притисок, заплашување и цензура
Со залепени усни и транспаренти против цензура по пресудата за новинарите на ИРЛ и заклучокот дека не се новинари, медиумските работници, денес, пред судот побараа да им се обезбедат основни услови за работа. Новинарите, камерманите и фоторепортерите сметаат дека пресудата е чин на заплашување и обид да се контролираат медиумите.
„За да се избегне ваква ситуација во иднина со девалвирање и омаловажување на интегритетот на новинарите, кои држат до професионалните новинарски стандарди, се надеваме дека ќе направите чекор за подобрување на состојбата во која се наоѓа судството и ќе обезбедите соодветни и најважно – правични услови за работа на новинарите и снимателите без притисок, заплашување и цензура“, порачаа новинарите.
Едногласни се во ставот дека ваквата пресуда нема да ги замолчи, туку ќе ги направи посилни во борбата.
Протестот го поддржаа Самостојниот синдикат на новинарите и Здружението на новинаритњ на Македонија (ЗНМ). ЗНМ веќе поднесе претставка до Судскиот совет, во која бара да се утврди одговорноста на судијката Јованка Спировска-Панева оти без објаснување ги исклучи новинарите од судницата за да ги соочи главната уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска, и Кочо Анѓушев.
ИРЛ беше осудениа за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата БРАКО за емисијата „Заговор против воздухот“.