НОВИОТ КЛИНИЧКИ НАМЕСТО ВО ЃОРЧЕ ДА СЕ ИЗГРАДИ ВО ШУТКА

Веста дека и второосомничениот во случајот „Рекет“, завршил во болница, искрено ме потресе. Па остана ли некој од „фацките“, кои лежат во Шутка, што не се пожали на своето здравје?! Миле го стегна срце, а пак, Боки и Зоки почнаа да се жалат на проблеми со варењето на храната. Кочан пак не сакам ни да го спомнувам, човекот лежи на апарати во приватна болница, а од суд му досаѓаат дека требало да иде во затвор. Бог да чува и да брани.

Срце боли, кога шефот ќе те пушти низ вода, ама и стомачни проблеми се јавуваат кога убавата храна со која си го навикнал организмот, се смени со онаа затворската. Не верувам дека на осомничените за „рекетари“ не им носат храна од надвор, но претпоставувам дека храната што се нуди во „Шутка“ е прекрасно оправдување за идни здравствени проблеми. Само Спиро издржува машки. Тој како еден вистински комита не се жали од ништо. Замислете само, дури Мијалков си го побара пасошот за да се лекува во странство, ама „лошата“ Фатиме Фетаи не му го даде. Спиро не трепна!!! Браво комито!!!

Точно поради мојата загриженост за здравјето на свилените притвореници, мојата скромна маленкост ја повикува Владата на РМ да го преусмисли решението новиот клинички центар да се гради во Ѓорче, бидејќи Шутка е многу подобра локација. Да им биде во близина на поосетливите „гости“ во затворот, не за друго. Ќе се заштедат и пари за нафта, инаку вака напред-назад „хашко“- болница-„хашко“,  како што се научени некои од притворените, излегува дека најголеми жртви се даночните обврзници, бидејќи тие „воајажи“ удираат во нивниот џеб.

Нека го изградат новиот и модерен Клинички во Шутка и нема да има толкави помпезности околу овие „прошетки“. На лице место ќе се решаваат сите проблеми и не мора никој ни да разбира дека ете на Петко му се слошило од компир манџата, пошо е навикнат на октоподи, па сега а-у портали, мортали да известуваат дека го шетаат како мечка играорец од врата на врата.

Ако е проблемот земјиштето, јас мислам дека Амди Војвода може да ја среди таа ситница. Тука е и веќе докажаниот MMA кадар Курто Дудуш. Ако некој се буни за тоа што во Шутка ќе се гради клиничкиот, пратете го во кабинет кај Курто. Тој знае што како понатака.

Знаете ли, воопшто не е забавно тоа што ни се случува и да ви кажам искрено го разбирам Мицко, ако отишол кај Шефот да бара совет. Па во ова лудило за кај си, ако нема некој помудар од тебе да те поучи.

Еве на пример да го земеме случајот со Катица Јанева и нејзиниот фамозен втор телефон. Јас како еден тотален лаик во правото и законите се прашувам, што ли ќе му се случи на еден обичен смртник, ако од Обвинителство му го побараат ВТОРИОТ телефон за вештачење и истиот не го испорача, бидејќи е изгубен, ајде нека не биде во  Белград, туку на некоја грчка плажа? Што ли ќе му се случи на еден обичен смртник ако, ВТОРИОТ телефон што го пријавил како изгубен, се најде, преку некои чудни божји патишта, кај кумашинката на пример и истиот е „форензички“ форматиран без ништо на него? Јас како еден просечен новинар, барам некој помудар од мене правник или постар колега да ме поучи и да ме посоветува, за друг пат да не поставувам такви глупави прашања.

Околу „бомбата“ што денеска „ја грмна“ членот на ИК на ДПМНЕ, д-р Игор Николов (кој меѓудругото е многу симпатичен лик и како однос кон пациентите и како појава), ќе речам само дека во едно не толку далечно минато една госпоџа мистерка се газеше од смеење дека на спратот каде што се наоѓа нејзиниот кабинет, било како партиски штаб или со други зборови сите вработени во нејзиниот комшилук по канцеларија, макотрпно работеле за партијата.

Силно се надевам дека новиот клинички центар ќе се изгради до 2027 г, како што најави министерот Филипче, па макар и да се гради на месечината. Го чекаме долго време, да се надеваме дека ќе си го дочекаме.

PS: Еј дечки, да, да, вие од Илинденска, дај таму напрајте го модерен новиот клинички, за да не мораат нашите пратеници, министри и останати функционери да фрлат пари по приватни болници. Изгор е.

Автор: Атанас Величков