Обемна реконструкција на Централната железничка станица во Софија
Од денеска се менува сообраќајот на возовите преку Централната железничка станица во Софија поради обемната реконструкција на железничкиот јазол, јавува БНР, пренесува БГНЕС. До март следната година ќе бидат затворени колосеците од првиот до единаесеттиот.
Само дел од линиите ќе продолжат да се опслужуваат од станицата, а за останатите е обезбеден превоз до други железнички станици во главниот град на Бугарија.
За време на реконструкцијата, сообраќајот на колосеците од првиот до единаесеттиот ќе биде прекинат. Исклучок ќе има за неколку слепи колосеци. Вториот, четвртиот и шестиот ќе ги опслужуваат возовите на релацијата Софија – Петрич, а од шестиот ќе сообраќаат и возовите за Банќа и Драгоман. Дванаесеттиот колосек ќе ги опслужува возовите за Пловдив, а тринаесеттиот – оние за Мездра.
Дел од возовите за Бургас, Варна и Капикуле, исто така, ќе продолжат да пристигнуваат и да поаѓаат од Централната железничка станица без преседнување. За останатите возови е обезбеден превоз до други станици во Софија. Патниците треба однапред да проверат од која станица ќе поаѓаат или каде ќе пристигнуваат нивните возови.
Промените ќе важат до 18 март 2027 година.
