| |

Објавена книга за тројцата бугарски студенти кои протестирале против инвазијата врз Чехословачка во 1968 година

Излезе од печат документарниот зборник „Тројцата против задушувањето на Чехословачката пролет“, посветен на тројца бугарски студенти по историја кои во 1968 година јавно се спротивставиле на воената интервенција на Варшавскиот пакт во Чехословачка, јавува бугарскиот општественик Л’чезар Тошев преку својот блог.

Автори на книгата се историчарите Стефан Дечев и Кета Мирчева, кои во зборникот ги собрале документите поврзани со случајот на Едуард Генов (1946–2009), Александар Димитров (роден во 1947 година) и Валентин Радев (1948–1995).

Кон крајот на летото и во есента 1968 година, тројцата студенти организирале протест против навлегувањето на војските на Варшавскиот пакт во Чехословачка и задушувањето на реформското движење познато како „Социјализам со човечки лик“.

Нивниот протест се состоел од растурање летоци со кои го осудувале учеството на Народна Република Бугарија во воената интервенција. Поради своите постапки, тројцата биле осудени и испратени во затвор.

Во предговорот на книгата, авторите го опишуваат нивниот протест како „осамен чин на солидарност и отпор, кој засекогаш ги одбележал нивните лични судбини – и во лоша и во добра смисла“.

Изданието содржи документи што ја расветлуваат историјата на тројцата студенти и нивното спротивставување на тогашниот комунистички режим.

Професорот Георги Фотев ја оценува книгата како значајно сведоштво за историски период исполнет со надеж, разочарување, храброст и морални искушенија.

„Колку се потребни денес вакви книги! Не поминувај набрзина покрај еден извор на смислата на историјата и смислата на човечкиот живот“, истакнува Фотев.

Според професорката Надја Данова, благодарение на професионално подготвениот документарен зборник, читателите добиваат можност подобро да го разберат времето и самопожртвуваниот чин на тројцата студенти, чии имиња, како што наведува, ќе останат запишани во бугарската историја.

Позитивна оценка за изданието дава и д-р Дејан Ќуранов, кој го истакнува придонесот на авторите Стефан Дечев и Кета Мирчева во истражувањето и документирањето на историските настани.

Слични Објави