Обвинение против 33-годишен скопјанец за закани и насилство врз поранешна партнерка
Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против 33-годишен маж осомничен дека во подолг период ја загрозувал сигурноста на својата поранешна девојка.
Според обвинителството, во периодот од 5 до 30 октомври, осомничениот ја следел жената и ѝ испраќал писмени и гласовни пораки преку социјални мрежи, полни со навреди и сериозни закани по нејзиниот и животот на нејзиното семејство. Прогонот се интензивирал по заминувањето на оштетената од неговиот дом поради психички притисок.
Последниот инцидент се случил на 30 октомври пред приватна клиника во Скопје, каде што оштетената се лекувала. Осомничениот дошол таму, се однесувал агресивно, ја влечел за рака и се обидел да ја принуди да замине со него, при што повторно упатил закани, вклучително и кон нејзиниот брат. Жената побарала помош поради страв и чувство на загрозеност.
Имајќи ја предвид тежината и повторувањето на делото, јавниот обвинител побара од судот определување мерка притвор за осомничениот.
