Обвинетата девојка за помагање во убиство на Пино повторно осудена на 19 години затвор
Ангела Ѓорѓиевска која беше обвинета за помагање во извршување на убиството Пинета Секондо – Пино, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје повторно беше осудена на 19 години затвор.
Пресудата во повтореното судење следува откако претходната беше укината од Апелацискиот суд во Скопје и предметот беше вратен на повторно судење.
Пино беше пријавен за исчезнат во декември 2018 година, а по околу 5 месеци неговото тело во распаѓање беше пронајдено во близина на селото Љуботен.
Обвинетиот за извршување на убиството, Али Фуркан, пак, сè уште е во бегство.
Кога ја заврши истрагата за случајот, обвинителството тврдеше дека сега осудената со првостепена пресуда, Горѓиевска, го повикала да се сретнат. Кога се сретнале, таа и Пино, заедно со Фуркан, се упатиле по обиколницата во близина на селото Арачиново каде што имало расправија во која момчето било убиено со пушка. Девојката и извршителот, според обвинението, потоа тргнале по патот кон Љуботен и го скриле телото.
Во текот на претходниот судскиот процес, девојката изјави дека не се чувствува винова бидејќи, според неа, таа не направила ништо од тоа што го тврди обвинителството.