| |

ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА ПОБАРА ПРИТВОР ЗА МИЈАЛКОВ, ПОЛИЦИЈАТА НЕ МОЖЕ 24 ЧАСА ДА ГО НАДГЛЕДУВА ДОМА

Обвинителката Ленче Ристоска по изрекувањето на 12-годишната затворска казна против Сашо Мијалков, побара притвор. Потоа и за Тони Јакимовски поранешен шеф на неговиот кабинет.

„Мерката куќен притвор почитуван суде, не е доволна да се обезбеди присуството на првостепено осудениот Мијалков. Во текот на вчерашниот ден, обезбедени се известувања од МВР, како од полициската станица што го чува, така и од БЈБ, според кои не поседуваат технички можности за 24-часовен видеонадзор”, го образложуваше Ристоска барањето за Мијалков за ефективен притвор во Шутка.

Ристоска продолжи и дека од страна на Обвинителството преку Еуропол потврдено е дека Сашо Мијалков има дозвола за престој , домашна адреса, а поседува и два автомобила во Прага.

„Сашо Мијалков добро е ситуиран, поседува приватни бизниси, исто како и членовите на неговото семејство, што му дава можност комотно да живее во бегство”, заврши таа.

Обвинителката Ленче Ристоска побара ефективен притвор за Мијалков и во неделата, непосредно пред неговото бегство, но кривичниот совет на Основниот кривичен суд, составен од судиите Илија Трпков, Огнен Ставрев и Васка Масевска-Николовска, одлучи дека тоа е престрога мерка и му определи куќен притвор на обвинетиот.

Одбраната се противеше на барањето на Ристоска.

„Не е виновен Мијалков што не функционира системот за следење со електронски алки. Нека го обезбедува полицијата со физичко присуство”, рече адвокатот Љупчо Шврговски.

Ристоска побара притвор и за недостапните Горан Грујевски и Никола Бошковски, кој би се активирал ако бидат екстрадирани, т.е. од моментот кога ќе бидат достапни на органите на прогонот.

Слични Објави