„ПАРТИЗАНСКА СПОМЕНИЦА “ ОД „МАЈКА БУГАРИЈА“

„Јованке, знаеш ли колку голем човек е вија? Вија човек го испуштииме ка делееме тогиш за народни херои, дај сеа извади од ташната од тија златните медали…“

loading...

Инспиративна колумна напиша Нино Тодоров за историјата. Кажа една голема вистина, на принципот подобро подоцна отколку никогаш. Не биле само Бугарите окупатори во Македонија, биле и Германците и Италијанците, ама нив, никој не го учел да ги мрази. Во комунизмот, а и сега омразата е резервирана само за Бугарија.

Познато е дека македонските функционери имаат солиден проблем со кажувањето на вистини, а посебно на оние историските.

Почитуваниот професор Денко Малески например не собра сила да каже дека некогаш Македонците и Бугарите биле едно и исто додека беше министер за надворешни работи на младата Република Македонија. Некако не иде шеф на дипломатија да истресе на телевизија или во весник: „Еј дечки, знаете зашто, Бугарија прва нѐ призна, е па во минатото немало разлика меѓу Македонците и Бугарите. Разликата се створи подоцна, ама не со кроце и со благо, како што велел ресенчанецот Љапчев, а со мноогу ќотек.“

Што да каже поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој е стигматизиран како најголемиот бугарофил во најновата македонска историја? Поправете ме, ако грешам, ама баш тој најголем бугарофил не знам да се има побунето против небугарофилскиот и чист хеленски симбол „сонце од Кутлеш“ да стане државно знаме на Републиката до неговата промена во средината на 90-тите под грчки диктат. Г-нот Георгиевски не остана известен со фраза дека следниот конгрес на тогаш неговата „ВМРО-ДПМНЕ“ ќе го прави во Софија, туку во Солун. Солун мнозински никогаш не бил населен со Бугари ниту пак со бугарофили. Само да потсетам дека аферата со бугарскиот пасош на поранешниот премиер избувна неколку години по неговото паѓање од власт. Некои вистини за тоа какви луѓе имало во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, излегоа исто така од неговата уста, долги години откако веќе не беше клучен фактор во македонската политика. Сепак чест му прави на Георгиевски дека во време на неговото владеење се поставија темелите на сегашниот договор за добрососедство со Бугарија, надградената верзија на Декларацијата за пријателство со Бугарија што ја потпиша со неговиот колега Иван Костов во 1999 г.

Како пример за потврда дека додека се на функција македонските политичари ги бираат вистините што ќе ги кажат можам да го спомнам нашиот вицепремиер за европски прашања и поранешен прв дипломат, Никола Димитров. Тој како да заборавил што велеше неговиот татко професорот Димитар Димитров за етничкото потекло на сопствените претци.

Функционерската амнезија драги мои е многу зафркната работа…

Тоа се разбира не важи за поранешните функционери. Тодоров го потврди тоа во одредена мера со својата колумна. Но има и такви, кои сѐ уште се плашат да кажат одредени историски вистини.


loading...

Од сигурни извори знам дека Филип Петровски например е многу добро запознат со вистинската историја на ВМРО. Ги читал Филип забранетите книги и прекрасно знае каков бил карактерот на Организацијата. Тоа се разбира го кажува само во приватни разговори и пред проверени луѓе.

Сличен е примерот и со Илија Димовски. Тој исто така знае, ама засега не сака да си ја отвори душичката како што делумно тоа го направи Тодоров.

Јас се разбира ги охрабрувам сите оние кои знаат јасно да ја кажат вистината. Да ја искористат приликата додека Красимир Каракачанов е важен фактор во бугарската влада. Красимир ми изгледа за добар човек, ќе им додели и на нив ордени, како оној што му го даде на Максо. Секако, ако дојде до некаква ситуација со доделениот орден да треба да се направи популистичка лакрдија со негово враќање, тоа може да се изведе без враќање на бугарските пасоши. Максо така направи, орденот на Краси го врати, ама пасошот си го зачува… за во зло време.

Вистината драги мои, не треба да се кажува во зло време, таа треба секогаш да биде истакнувана па макар и да е болна. Само така ќе успееме на здрави нозе и со чиста мисла да ја изградиме државата без да се плашиме од „уцени“, „закани“ и „затворени вентили“. Вистината ќе не направи слободни и мислам дека нема потреба да ја кажуваме само кога не сме на власт или пак немаме шанси да дојдеме повторно на власт.

PS: До моќниците во земјата: Чувајте ми го Апасиев, немојте да го оставите сам или пак да му ја сјебете партијата. Кој ќе го трпи и него да раскажува вистини, откако ќе сфати дека никогаш нема да може да ја воведе пролетерската диктатура, што ја сонува и пропагандира преку социјалните мрежи. Да бидам реален, „партизанска споменица“ и за него од Мајка Бугарија ќе ми дојде малку повеќе.

Автор: Атанас Величков