|

Обвинителот ќе ѝ ја оспори слободата на Канческа-Милевска: Се надевам Апелација ќе донесе законита одлука

Обвинителот Стевчо Донев, кој ја гонеше ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска, е незадоволен од пресудата. Тој најави жалба. Посочи дека се надева на правилна и законита одлука од второстепениот суд.

„Откога ќе ја добиеме пресудата во законскиот рок, ќе вложиме жалба. Се надевам дека Апелација, која одлучува по жалбата, ќе донесе правилна и законита одлука. Бидејќи постапката не е правосилно завршена, во овој момент не би коментирал детали од предметот. Сите забелешки на пресудата ќе ги дадеме во жалбата“, рече Донев.

Тој додаде: „Ако ги следевте внимателно судењата, имаше презентација на доказите, снимките особено кажуваат што се случувало во детали. Судот даде таква анализа, но јас нема да коментирам, сè што имаме, ќе кажеме во жалбата“.

Судијата Осман Шабани ѝ даде ослободителна пресуда на ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Тој и судиите поротници ги анализирале сите докази по што утврдиле дека јавниот обвинител не докажал оти таа ја фаворизирала фирмата „Бетон“ од Штип да го гради Музејот на ВМРО. Додаде дека не е докажано ниту дека имало градежни работи уште пред тендерот да биде распишан. Ослободени се и другите тројца обвинети.



Слични Објави