Филипче: Мицкоски ветуваше поевтини горива, се случи нов бран поскапувања
Премиерот Мицкоски ветуваше поевтини горива, но се случи нов бран на поскапувања, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека ова е уште еден удар врз семејниот буџет на граѓаните, додека власта упорно одбива да донесе конкретни мерки за заштита на животниот стандард.
„Од денеска повторно поскапеа горивата, иако премиерот ветуваше дека тоа нема да се случи. И тоа значи уште еден нов удар врз стандардот и ново покачување на цените. Премиерот и неговата влада сè уште одбиваат да ги прифатат нашите предлог-мерки, да се укине ДДВ-то на храната, со што храната, која значајно поскапе, може да поевтини“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта не ги прифати мерките на СДСМ, кои, како што рече, ќе дадеа реални ефекти и ќе придонесеа за реално намалување на цените на горивата и на храната, но наместо тоа, според него, Владата на Мицкоски одбра да не презема конкретни чекори за олеснување на товарот врз граѓаните.
„Да се намали ДДВ-то на горивата дополнително на пет проценти. Тие тоа не го направија, напротив, и одбиваат да ги преполоват цените на патарините, со што значајно ќе им се олесни животот, функционирањето, патувањето на граѓаните. Да се прифатеа мерките кои ние ги предлагавме, сега немаше да има толкав раст на цените на сите продукти, а стандардот на граѓаните ќе беше заштитен. Премиерот одбива да воведе било какви мерки за било која категорија на граѓани – ранливи категории, пензионери, студенти, земјоделци.Истовремено одбива да ја зголеми минималната плата“, рече Филипче.

