Генералниот конзул на Бугарија во Чикаго Светослав Станков ги поздрави учесниците на петтата Парада на Бугарија во Чикаго
Генералниот конзул на Бугарија во Чикаго Светослав Станков им посака „добредојде“ на сите присутни на петтата Парада на Бугарија во Чикаго, САД, организирана од дипломатското претставништво по повод 24 Мај — Денот на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската писменост, јавува БТА.
„Му благодарам на секој од вас, кој со своето присуство, срце, труд и љубов кон Бугарија го претвора овој празник во жива средба на нашата заедница, во порака на обединетост и родољубие!“, изјави Станков.
Во своето поздравно обраќање тој изрази благодарност и до претставниците на Елк Гроув Вилиџ за нивното пријателство и поддршка кон бугарската заедница.
„Од земјите на Бугарија, каде пред повеќе од единаесет века се роди кирилицата, преку бугарските училишта, универзитети и заедници ширум светот, па сè до бугарската научно-истражувачка станица на Антарктикот — денес името ‘Бугарин’ звучи како симбол на знаење, талент, издржливост и успех! Но, ако има луѓе пред кои денес треба да ја наведнеме главата со вистинска признателност за сè постигнато — тоа се нашите учители, нашите современи просветители!“, рече бугарскиот дипломат во Чикаго.
Тој им се обрати на сите учители со зборовите: „Драги учители, како апостоли на знаењето, вие ги учите нашите деца на длабокото чувство за праведност, дека бугарскиот јазик треба да постои! Дека бугарската песна треба да се пее! Дека бугарскиот танц треба да се игра! Преку вашиот труд нашата историја, меморија и дух се пренесуваат на следните генерации, ви благодарам!“.
Генералниот конзул ги поздрави и сите родители присутни на празникот: „Драги родители, јас и мојата сопруга знаеме колку е тешко по долга работна недела, среде сите предизвици на животот во странство, да се пишуваат домашни задачи, да се станува рано во сабота и да се носат децата во бугарско училиште. Но секој напор има смисла. Секоја тешкотија вреди. Затоа што таа се заборава со секое ново пријателство што нашите деца го создаваат. Со секоја средба со учител што ги инспирира. Со секој нов бугарски збор, песна или приказна што ја учат“.
Светослав Станков ги повика учениците да бидат горди на своето бугарско потекло и благодарни кон своите родители и учители: „Носете ја Бугарија во срцето со достоинство и самодоверба! Зашто светот ги почитува само народите кои се почитуваат себеси, својот јазик, својата култура и своите корени!“.
Дипломатот го насочи вниманието на присутните и кон три — според неговите зборови, важни настани.
„Прво, меѓу нас за првпат се студентите по Бугаристика на Универзитетот на Илиноис во Урбана-Шампејн — и токму тие се знаменосците на нашата парада! Нешто што не се случило со децении, веќе е факт. Бугарскиот јазик се предава на еден од најпрестижните универзитети во светот“, рече Станков.
Тој му посака добредојде на празникот и на Кирил В’лчев — генералниот директор на Бугарска телеграфна агенција — „институцијата што повеќе од еден век ја чува меморијата, гласот и вестите на бугарската заедница ширум светот“.
„И конечно, нема како како Бугарин и варненец да не споделам дека вчера срцето ми се исполни со гордост, кога една Бугарка ја натера цела Европа и светот да зборуваат за Бугарија! Претпоставувам дека се досетувате за кого зборувам и дека денес хитот на Дара ‘Бангаранга’ ќе го слушнеме повеќе од еднаш… и искрено кажано, немам ништо против“, изјави уште генералниот конзул на Бугарија во Чикаго.
„Драги пријатели, денес заедно покажавме дека обединети ја носиме Бугарија во нашите срца. Ви благодарам што го чувате бугарскиот дух жив! Да живее Бугарија — тука, во Чикаго, и насекаде низ светот!“, изјави бугарскиот дипломат.
Со веќе традиционалната Парада на Бугарија бугарската заедница во Средниот Запад на САД го одбележува бугарскиот празник 24 Мај. По петти пат претставници на сите бугарски училишта, културни организации, фолклорни и творечки состави и родољубиви организации го почитуваат делото на светите браќа Кирил и Методиј со свечено дефиле и празничен ден за целото семејство. Специјален гостин оваа година е бугарскиот изведувач Орлин Горанов, соопшти претходно генералниот конзул на Бугарија во Чикаго Светослав Станков за БТА. „Ова е најголемиот бугарски настан во странство“, истакна дипломатскиот претставник на Бугарија во Чикаго.
Петтата Парада на Бугарија се одржува во чикашкото предградие Елк Гроув Вилиџ, каде живеат многу Бугари.
По традиција, Парадата е организирана од Генералниот конзулат во Чикаго и Општината на Елк Гроув Вилиџ.

