Од амнестија до амнезија: зошто заробената држава одбива да се ослободи?
Facebook статус на Никица Корубин
Дали луѓето се’ уште се доволно сензитивни на правдата и вербата во истата, за да бидат еднакво гневни на секое нејзино исчезнување? Дали таа се’ уште е мотив за борба за правичен систем на вредности и функционален систем на владеење на правото? Со целиот ризик да звучи како недостистижна утопија или празна флоскула, размерот на разочараноста и сеприсутната апатија, сепак се емотивни категории. Затоа што човек може да се разочара во нешто, само ако очекува нешто. Ако верува во нешто. Во што ни’ остана да веруваме денес, не е реторичко прашање, туку суштинско. За опстанокот на идејата за нормална држава, колку ниско и да ја поставиме дефиницијата за “нормалност”.
Кога денес сите се “згрозени, шокирани и изненадени”, во обид да го доловат и уловат опортуно, она што е подобно и полезно да се каже, и притоа да биде минимум пристојно, а да не биде комично; дали ја одмеруваат на вистински начин сопствената улога, при упорното задржување на систем “статус кво” на супериорна власт на партијата и супресирана власт на институциите? Кој, како и дали се обиде изминативе години да ја “одзароби” потврдената заробена држава на хартија и во пракса? И тоа притоа да не биде дефинирано како замена на една власт со друга, а особено заменетата власт да не биде третирана како репер, дали нештата се добри и лоши, и дали државата е заробена. Затоа што сите се добри со лош репер, ама колку се добри со добриот репер? А, тој е утопијата од почетокот: правичен систем на вредности и функционален систем на владеење на правото. Кој и колку суштински придонесе институциите да бидат професионални, слободни и независни?
Правењето разлика помеѓу партија и држава е исклучително тешко за сите носители на јавни функции. Во ситуација кога партијата е “се'” таа е државата. И во таков случај и со таква ментална матрица, “ослободувањето на заробената држава” започнува и завршува со партиски поставените функционери. “Наши луѓе”, што по автоматизам означува добро, бидејќи нели едните се добрите, а другите се лошите. Но, дали државата беше заробена само од првите луѓе, или тоа беше “систем на заробување”, не е ниту пристојно да се праша, а не па да се одговори. Но, токму ова логично, едноставно и просто прашање, никој и никогаш не го отвори.
Па, затоа и одговорот на следното прашање останува непознат: колку од сите именувани функционери, во сите министерства, агенции, јавни претпријатија, стотици и илјадници места; поставени и сменети, бараа докази за заробената држава, го враќаа или воспоставуваа системот на правично управување, професионализација и ревизија; колку од нив направија пресек на затекнатото; а колкумина само продолжија со “владеењеето”? Како точно во пракса се “одзаробуваше” заробената држава? Со соработка со “заробувачите” или со санкција за истите? Дали некој праша, дали некој одмолчи, дали смееше и смее да се праша, е прашање до “слободните медиуми”? Како се трошеа и трошат парите на нашите стратешки партнери, односно на нивните даночни обврзници, како за многу загрижена “јавност” за “нашите пари”; за сите замисливи и незамисливи обуки, семинари и студиски патувања? Како се одржуваат “цврстите и нераскинливи врски” со неколку десетина (не)владини организации, иронично и привидно далеку од државата, а суштински директно под контрола, пријателство и врски со “центрите на моќ”, кои да се тие?
Кој ја направи мрежата која државата ја зароби може веќе да има и историски третман, но кој државата ја држи заробена е прашање на опстанок. Опстанок на државата и нејзината функционалност, на сметка на узурпацијата на власт и демонстрацијата на моќ. И затоа повикот само кон правосудството е обично ехо, излитен дефокус од вистинските господари на нашите животи. Тие, обвинителството и судството се толку виновни, колку што им е дозволено да бидат виновни.
Затоа одговорот на прашањето, зошто заробената држава одбива да се ослободи, е важно само доколку се постави на вистинската адреса. И пред да го побараме одговорот, важно е да дефинираме на кого се обраќаме: на државата како систем или државата како партократија? Државата како систем сме сите ние граѓаните, со различна позиција и моќ, ама државата како партократија се само “избраните”. Од кого и како е друго прашање. Од нив ли очекуваме да ја ослободат заробената држава? Па, таа секако е заробена од нив самите. Безизлез?
Зависи како се посматра целиот процес. Како шанса или како очај. Тие ќе сакаат да остане заробена, ама ние немаме избор освен да биде слободна. А, контролата која бара подаништво, е тешка работа, од неа потешка е само слободата. Слободата да се знае за да се свати, како прв чекор, можеби нешто и да се направи. Затоа што моќта е променлива работа, ама у(верувањето) е прилично трајно. Затоа додека сте “згрозени, шокирани и изненадени”, вежбајте ослободување во “заробените партии”. После ќе биде лесно, кога по автоматизам ќе се премине на државата. Па, нели државата е партијата, во нашата “идилична” партократија.
