ОД ДЕНЕСКА ТРЕБА ДА БИДАТ ДОСТАПНИ САЈТОВИТЕ ЗА ЗАКАЖУВАЊЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ЗА КОВИД-19
Интернет страниците vakcinacija.mk и kovid19vakcinacija.mk од денеска треба да бидат достапни за електорнско пријавување на сите заинтересирани граѓани од Северна Македонија кои сакаат да примат вакцина против Ковид-19.
Во моментов сајтовите уште не се достапни за пријавување, и на почетните страници се појавува текст „наскоро“, но како што вчера изјави Министерот за здравство, Венко Филипче, тие во текот на денов треба да бидат функционални.
„Буквално секој граѓанин ќе може да се регистрира. Самиот систем ќе ги регенерира податоците за тоа кој прв би бил повикан на вакцина, односно би му се дал приоритет“, изјави Филипче.
Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин”. Повозрасните лица и оние со хронични заболувања, закажувањата треба да ги направат во консултација со нивните матични лекари, и тие ќе бидат регистрирани преку системот МојТермин. Засега нема опција да се избере која вакцина сака да ја прими одреден граѓанин бидејќи на почетокот имунизацијата ќе се спорведува само со вакцината од Синофарм.
Филипче посочи и дека е направен оперативен план за процесот на вакцинација, согласно бројот на вакцини кои ќе бидат на располагање, како и приоритетните групи според кои ќе се спроведува имунизацијата.
Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 во Скопје, а останатите се во другите градови.
„Вакцинацијата во другите градови ќе се спроведува во вакциналните пунктови, по примерот на вакцинацијата за сезонски грип. Сега ги утврдивме местата, како и лекарите, медицинските сестри, искусните тимови, коишто ќе работат со системот на вакцинација и специјализантите кои ќе бидат во еден дел повлечени од специјализација од Клиниката за детки болести, за што исто така е направен распоред. Понатаму, местата кадешто тука ќе се чуваат вакцините, во фрижидерите на температура за вакцините од Кина од 3 до 8 степени и веќе спремен еден фрижидер на температура од -70 степени. Во оној момент кога ќе стигнат вакцините може практично да започне процесот на вакцинација“, рече министерот Филипче.