Од денeска вакцинација без закажан термин
Од денеска граѓаните може да примат вакцина против ковид-19 без да закажат термин за вакцинација, а во над сто населени места во општините во цела држава почнува теренската вакцинација.
Граѓаните кои ќе се вакцинираат без да закажат термин за вакцинација првата доза ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи. Вакциналните пунктови во јавните здравствени установи, ќе имаат работно време, кое е објавено на вратите на установите.
Во Скопје вакцинирање без закажан тремин, ќе има во Поликлиниките „Јане Сандански“, Букурешт и Чаир, кои ќе работат од 7:30 до 19:30 часот. Се отвора и нов вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7:30 до 14:30 часот, соопшти Министерството за здравство. Во спортските сали ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина.
Процесот за теренска вакцинација, пак, е организиран во соработка со здавствените домови од секој град, локалната самоуправа и месните заедници, а секој граѓанин кој сака да се вакцинира со себе треба да има важечки документ за идентификација. Од Министерството за здравство информираат дека сите вакцини во земјава се безбедни и ефикасни и спречуваат тешки симптоми или смрт од коронавирусот.
