Одбележуваме 108 години од Валандовската акција на ВМРО
Вчера се навршија 108 години од т.нар. Валандовска акција, што претставува најголем вооружен напад што го презела ВМРО против српските управувачи на три утврдени пункта во Валандово, Удово и Пирава.
Еве што пишува во однос на овој настан во книгата на Димитар Галев „Белиот терор во Југоисточна Македонија“:
„Причините за овој оружен судир се општопознати: теророт што српските воени и цивилни власти го спроведувале врз цивилното население. Резултатите од анкетата спроведена во Валандовско, Дојранско и Гевгелиско, упатуваат на заклучок дека речиси нема населено место кое во периодот меѓу 1913-1915 г. немало по неколку воени дезертери, бегалци во Струмица, кои во секое време биле готови на било каков ризик да им се одмаздат на српските власти. Едноставно, бегалците од овој дел на Македонија настојувале да дојдат до каков таков судир со терористите – српските четници, жандармеријата и војската.
Бил избран и Главен штаб за инструктажа и раководење со нападот. Штабот го сочинувале: Петар Чаулев, Ване Стојанов, Љубомир Весов, Стефан Алабаков, Панајот Каранфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачов, Христо Делчев – братот на Гоце Делчев, Петар Овчаров, Коста Попов, Аргир Манасиев, Тома Икономов и др. Кон нив се приклучила и една турска чета, на чело со Хусеин Хаки бег. Не е спорно прашањето дека, со организацијата и подготовките, а особено со извршувањето на нападот непосредно раководеле: Тодор Александров, Александар Протогеров, Н. Каранџулов, д-р Х. Татарчев. Наспроти 600—700 четници, припадници на ВМРО и нивните турски сојузници, српските одбранбени сили во нападот броеле 1.200 војници и целокупната жандармерија. Како директен повод за нападот послужиле измачувањата и големите масакри извршени врз цивилното население од страна на четниците на Јован Бабунски и српската жандармерија.
Најсилен бил нападот за преземање на Валандово и селата Удово и Пирава. За преземање на Удово, односно мостот на реката Вардар, меѓу 9 и 10 часот на 20. март 1915 г., се водела најжестоката борба. Нападот бил урагански, а српската одбрана на брза рака била скршена. Во српски извори се наведува дека во нападот учествувале околу 3.000 Бугарски и турски четници од кои: 2.000 извршиле напад на Удово и 1.000 одлично вооружени и добро облечети Бугарски комити го нападнале Валандово. Овие податоци не се точни, како што не е точен ни бројот на 181 загинати и околу 67 ранети српски војници. Односно, српската команда поради срам, бројот на Бугарските комити го зголемува од 600 на три илјади, а бројот на загинатите српски војници, жандарми, железничари и цивилните службеници, од 700-720, го смалува на 181 односно на 281 мртви и 67 ранети. Српските извори зборуваат за долго и добро подготвена акција на Бугарските комити кои преку нападот имале за цел да ја принудат Србија на поголема попустливост во однос на Македонија, од една страна, и, од друга, преку разурнувањето на железничкиот мост на Вардар кај с. Удово требало да се спречи дотурот на помошта што Србија ја добивала од сојузниците преку Солун.
Целта што сакала ВМРО да ја постигне со акцијата на 20. март 1915 г. не била постигната. Српските окупатори уште наредниот ден по нападот се нафрлиле врз населението во Македонија. Во Валандово српските војници почнале да се пресметуваат уште пожестако со луѓето. Влегувале во куќите и барале сокриени комити. Од ова место биле одвлечени и парчосани неколку граѓани. И не само во Валандовско, Гевгелиско и во Дојранско, српските војници, жандари и четници во знак на одмазда крваво се пресметале со голем број жители и од другите краеви на Македонија. На голем терор по Валандовската акција биле изложени жителите на Малешевска, Царевоселска па и делови од Штипска околија. Само од с. Владимирово, Малешевско, биле уапсени, тепани и убиени околу 100 души меѓу кои имало и жени. Српските господари во пролетта, а особено во летото и почетокот на есента 1915 г. почнале да земаат и заложници кои во најголем број случаи безследно исчезнале.
И на крајот, треба да се одбележи и тоа дека Валандовоко-удовската акција има белези и на народно востание. Самиот факт што на 20. март 1915 г. десетина села целосно, и десетина делумно се иселиле од Валандовска во Струмичка околија, доволно говори дека нападот не бил комитаџиски, како што е окарактеризиран во орпските извори, туку дека е вистиноки израз на револт на народот и очајнички обид да се дојде до саканата слобода. Како резултат на акцијата на ВМОРО над 6000 бегалци се спасуват во Бугарија“.
