Одбележуваме 121 година од раѓањето на големата бугарска писателка Фани Попова-Мутафова
Бугарската писателка на историски романи Фани Попова-Мутафова е родена на 16 октомври 1902 г. во Севлиево. Таа е ќерка на генерал Добри Попов и внука на генерал Стефан Нерезов. До 12-годишна возраст живеела со семејството во Италија, каде што нејзиниот татко дипломирал на Воената академија во Торино. Таму учела во основно училиште, земала часови по италијански и пијано. Во Софија дипломирала на полукласичниот отсек на Првата женска гимназија во 1922 година и истата година се омажила за Чавдар Мутафов. Била примена да студира филозофија на софискиот универзитет, но со сопругот заминала во Германија, каде студирала пијано во Конзерваторијата во Минхен (1922 – 1925) и слушала предавања за историја на уметност. Во 1925 година, семејството се вратило во Бугарија. Во периодот 1925-1927 година била член на книжевниот круг „Стрелец“. Има син – Добри Мутафов и внука – Фани Добрева-Турмачка.
Таа дебитира на писателското поле со краток расказ во 1924 година. Нејзините први книги биле посветени на мистичниот подвиг на мајчинството и жената. Нејзино најголемо творечко дело е четирилогијата „Асеневци“. Со своите повеќе од 35 книги објавени до 1944 година, таа е најпопуларната писателка во Бугарија. За неа поетот Кирил Христов вели: „Највисокиот врв до кој дошла Бугарката, кој целосно ја изедначува со мажот, овој вртоглав врв се вика Фани Попова-Мутафова“. Нејзините историски романи ја ставаат на нивото на најголемите писатели од овој жанр во светската литература“.
За член на ПЕН клубот во Бугарија е избрана во 1932 година. За време на Втората светска војна го подржува обединувањето на бугарските земји.
По државниот удар на 9 септември во 1944 година, била исклучена од Сојузот на бугарските писатели заедно со голем број други уметници. Уапсена е и е изведена пред шестиот совет на таканаречениот Народен суд. Осудена е на 7 години строг затвор и парична казна од 10.000 лева за „антиболшевизам“, „прогерманска активност“ и „големобугарски шовинизам“. По 11 месеци зад решетки (13 октомври 1944 – 8 септември 1945 година), била помилувана и ослободена поради нејзината тешка астма и посредувањето на нејзиниот татко. Во 1950-1951 година, таа повторно била затворена и под истрага, сметана „како личност опасна за државната безбедност“. Таа била интернирана во камп на комунистичкиот логор во близина на селото Ножарево.
Во постхумно објавените „Дневници“ на писателот Јордан В’лчев, се тврди дека Фани Попова-Мутафова го напишала романот „Време разделно“, но поради забраната за објавување на нејзини дела, таа му го дала на Антон Дончев.
Откако во шеесетите години на минатиот век комунистичкиот режим се придвижил кон „патриотска“ идеологија, Фани Попова-Мутафова донекаде била рехабилитирана. Била принудена да се покае за своите „гревови“ за да го објави поправеното издание на „Ќерката на Калојан“ во 1962 година. Таа била принудена да прави корекции и во „Солунскиот чудотворец“ и во „Иван Асен II“.
Во 1972 година, по повод нејзиниот 70-годишен јубилеј, таа е одликувана со Орден на Св. Кирил и Методиј“ 1 степен.
„Последниот Асеновец“ по нејзината смрт е реобјавен без корекции. Нејзината последна книга била биографијата на бугарскиот преродбенички научник д-р Петар Берон (1972).
Во периодот 2007 – 2009 година за прв пат по Втората светска војна е објавена четирилогијата „Асеневци“ со автентичен текст и со отстранети сите насилно наметнати дополнувања и исправки.
Големата бугарска писателка Фани Попова-Мутафова умира на 9 јули 1977 година во Софија.

