Одбележуваме 148 години од раѓањето на легендарниот гевгелиски војвода на ВМОРО Леонид Јанков
На 10 март одбележуваме 148 години од раѓањето на Леонид Јанков, легендарен војвода на ВМОРО.
Леонид Јанков е роден на 10 март 1878 година во Мачуково, тогаш во Османлиската империја, во семејството на Трајко и Ката Јанкови. Добива основно образование. Во Мачуково имало стабилен комитет на ВМОРО, на чело со Генчо Лазаров Ортаков, а таткото на Леонид, Трајко, бил член на Организацијата. Леонид се приклучува на ВМОРО во рана возраст и извршува курирски задачи.
Во 1901 година е уапсен при разоткривањето на Бајалската афера и лежи шест месеци во затвор. По излегувањето од затвор го убива шпионот Ристо Дојчинов и станува комита во четата на војводата Аргир Манасиев, кој му е прв братучед од страна на мајка му.
Учествува во Илинденско-Преображенското востание, а по неговиот неуспех се префрла во Бугарија. Се враќа во Македонија во 1904 година заедно со Томе Донев и Миле Таушанов и развива широка активност во Богданско. Од летото 1905 година е гевгелиски војвода.
На 29 август Ванчо Чолаков и Туше Петрушев го убиваат гркоманскиот поп во Богданци, а на 31 август се среќаваат со четата на Леонид Јанков. Истата вечер е фатен курирот на четата Дељо Карабаров од Гјавато. Со помош на србоманскиот учител во Богданци дел од шифрата во едно писмо е разоткриена, и според неа турските власти влегуваат во трагата на четата на Леонид Јанков, по што против неа се испратени гарнизони од Струмица и од Дојран.
На 2 септември 1905 година Леонид Јанков, заедно со двајца свои другари, во месноста Ѓуров Дол кај селото Гјавато е опколен од турски аскер. По борбата што траела речиси цел ден, Леонид Јанков извршува самоубиство.
Правнук на Леонид Јанков е познатиот бугарски поет и преведувач Румен Леонидов.
