|

Одбележуваме 154 години од раѓањето на првиот председател на ВМОРО, д-р Христо Татарчев

“Роден сум во Ресен на 16 декември 1869, од родителите Никола Татарчев и Костадина. Татко ми е од Ресен, а мајка ми од истакнато семејство од с. Јанковец (Ресенско). Поголемиот брат ми се вика Михал. Татко ми се занимаваше со банкарство и трговија, а делумно и со земјоделство, – имаше чифлици. Со основно образование се здобив во Ресен, на Бугарски. Потем, во 1882 год., заминав по копно преку Битола – Прилеп – Велес – Софија во Пловдив.

Заедно со Божирад, без пасоши (со туѓи пасоши) заминавме за Цирих, и се запишавме на медицинскиот факултет… Во Цирих учев три години, и потоа преку сето време заедно со Божирад – во Берлин во 1890 год., каде по две години, во 1892 год., во текот на мај положив испит за доктор… Од Берлин заминавме право Цариград, каде положивме колоквиум… Ние бевме првите Бугари што полагавме на колоквиум.

Во Ресен останав до половината на септември (1892 г.) и со телеграма бев повикан од Васил К’нчев за училиштен лекар во Солун… Во Солун ја затеков Бугарската јавност поделена на два табори од претходните борби, што биле водени на чело со Величков – против Егзархијата и за неа, главно против нејзиниот стремеж да ги централизира црковно-општинските работи во свои раце.

Во текот на распустот во 1893 год. решив да обиколам еден дел од Македонија, што не ја познавав, со цел да ја проучам положбата на земјата и главно на Бугарштината.

Откако се вратив од својата обиколка, не помина многу – некаде во половината на август – во мојот кабинет доаѓа Дамјан Груев, кој штотуку беше дојден преку летото во Солун како заменик на Никола Наумов… Не помина многу време, и Груев наново ме посети, и овојпат веќе поотворено заприкажавме за дејноста, што ни претстои како на Бугари, за да се подобри политичката состојба на нашиот народ.“

ХРИСТО ТАТАРЧЕВ – СПОМЕНИ, Скопје, 1995 г.

“Се расправаше надолго врз целта на организацијата и посетне застанавме врз автономијата на Македонија со предимство на Бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме гледиштето „Непосредно присоединување на Македонија со Бугарија“, зашто видовме, дека тоа ќе се сретне со големи тешкотии поради противдејствата на Великите сили и аспирациите на соседните мали држави и Турција. Ни минуваше низ умот, дека една автономна Македонија сетне би можела полесно да се присоедини кон Бугарија, а во краен случај, ако тоа не се постигне, ќе може да послужи за обединителна алка на една федерација на балканските народи… Кога се установивме врз целта на нашата организација, во истото време се фативме да го изработиме и уставот на организацијата. Имавме на рака еден том ЗАПИСКИте на Захари Стојанов и нив ги зедовме како образец за уставот на Бугарскиот револуционерен комитет…“

ХРИСТО ТАТАРЧЕВ – СПОМЕНИ, Скопје, 1995 г.

Слични Објави