Одбележуваме 73 години од убиството на Петте струмички студенти од страна на комунистичката власт во тогашната НР Македонија
На 13 август 1951 година се убиени Мирко Пецев, Ѓорги Јар’мов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев, останале во историjaта како Струмичката петорка. Студентите се убиени блиску до селото Орманли на планината Беласица, до границата со Грција.
Петте струмички студенти биле на возраст од 20 до 23 год. Нивната идеја била слободна, независна Македонија. Идеја која не и се допаѓала на тогашната власт. Убиени се со по два куршума, еден во градите, еден во челото. Вечерта, тие се собрани од игранка во Градскиот парк, однесени се на Беласица, и – егзекутирани.
Нивните мртви тела покриени со шаторски крила, следниот ден биле донесени пред Општинското собрание, од каде во присуство на нивните семејства се погребани во заеднички гроб, освен Борис Белев кој е закопан во протестантските гробишта. Сите тие потекнувале од угледни градски семејства.
По убиството се прогласени народни непријатели.
Семејствата веднаш по настанот им изградиле споменик од бел мермер во вид на отворена книга на кој пишувало дека се УБИЕНИ.
Набрзо, споменикот е искршен на парчиња, …, и се подигнува нов, бетонски… За на властодршците да не им боде очите и пак да го урнат.
Денес, околу гробот стојат неколку парчиња од првобитниот споменик.
Тој настан беше табу тема се до 1991 кога прв пат се одржа парастос за покој на нивните души.
Во 2001 во малиот парк карши Собранието на општина Струмица е подигнат и споменик кој во својот долен дел е отворена книга од бел мермер на која се запишани нивните имиња.
Таму е поставен со одредена симболика. Оттаму почнува улицата на која сите тие живееле, од која за последен пат излегле заедно.
Вечна им слава!

