| | |

Одбележуваме 78 години од смртта на големиот бугарски револуционер и горјанин Герасим Тодоров

На 30 март 1948 г. во своето родно село Влахи се самоубива Герасим Тодоров, истакнат бугарски револуционер и горјанин, борец против комунистичката власт во Бугарија.

Герасим Тодоров е роден на 27 ноември 1910 година во Влахи, тогаш во Османлиската империја. Добива гимназиско образование во Свети Врач. Откако ја отслужува воената служба, работи како шумски стражар во селото Оштава. Бил припадник на михајловистичкото крило на ВМРО до забраната на Организацијата во 1934 година. Неговиот брат Захари Тодоров долги години бил одговорник на пункт на ВМРО.

Во периодот 1941 – 1944 година Герасим Тодоров е во Беломорието, каде што ја извршувал должноста началник на државен расадник. По 1944 година се враќа во Влахи и со соселани создава шумска индустриска кооперација. Во тоа време станува член на политичката организација „Звено“.

Герасим Тодоров се среќава со Михаил Думбалаков, кој бил близок до Никола Петков и под негово влијание, на 6 мај 1947 година, преминува во илегалност и создава револуционерна група од горјани за борба против комунистичката власт во Пиринска Македонија. Групата е позната како „Шести Пирински одред“. Нивни главни јатаци и соработници стануваат поранешни членови на ВМРО, кои подоцна се приклучиле кон БЗНС, „Звено“ и Работничката партија. Во декември одредот се дели на два дела, при што под водство на Герасим остануваат Јордан Рујчев Стојанов, Асен Николов, Кирил Бенѓузов, Љубомир Стамболиев и Петар Грков – Попето, кои дејствуваат во реонот на Оштава, Сенокос и Брежани. Во втората група остануваат Марко Панајотов, Веселин Лазаров, Тома Маникатов и Александар Султов и дејствуваат во реонот на Плоски и Влахи. До крајот на 1947 четата брои вкупно 14 луѓе, а во тој период Герасим Тодоров контактира и со горјанската група на Христо Лагадинов, дојдена од Грција. На 12 февруари 1948 година Герасим Тодоров ги посетува учителите во Влахи, меѓу кои и Петар Макеревски, емисар од Југославија во времето на Културната автономија на Пиринска Македонија. Герасим Тодоров не презема ригорозни мерки кон учителот, бидејќи тој ѝ помага на неговата сестра и на нејзиното дете. Во тоа време и неговото сопствено семејство е систематски малтретирано. Во врска со активностите на Макеревски, Тодоров вели:

„Тој е нашиот седенкар, тој е титовистичкиот агитатор… А ти, бе, заблуден комунисту, да знаеш дека ти си само за пропаганда!… Нема да си одиш, но ќе си ги ограничиш активностите!

На 12 март 1948 година кон четата се приклучуваат полковник Стојно Бачијски и потполковник Димитар Цветков. Одредот на Герасим Тодоров се спојува со оној на Јордан Рујчев Стојанов и во средината на месецот четата веќе брои 42 луѓе, повеќето од кои поранешни членови на ВМРО и противници на БКП. Три дена претходно, на 9 март, Народната милиција во Благоевград започнува масовна вооружена акција со кодно име „Елен“, чија цел е уништување на Герасим Тодоров и неговата чета. Уапсени се голем дел од јатаците на групата, реонот на дејствување е опколен и започнува нејзиното гонење. Во едно писмо Герасим Тодоров изјавува: „Подобро славна смрт, отколку срамен живот.“

На 4 април, пет дена по смртта на Тодоров, операцијата завршува, при што се убиени 42 лица, уапсени се 41, а само Димитар Павлов успева да се сокрие и да избега. Од вкупно 140 уапсени горјани и јатаци на Герасим Тодоров, 106 добиваат пресуди, од кои 11 се смртни.

„Во 1947 – 1948 бандата на Герасим Тодоров ја држеше територијата на поранешната Санданска (Светиврачка) околија, голем дел од селата во овој крај, преминуваше и во делови од Разлошко, дури стигнуваше до Гоцеделчевско – од другата страна преку Пирин и дел од поранешната Горноджумајска околија. Тоа не беше само најголемата банда во Бугарија, туку и најопасната поради тоа што таа контролираше територија во која речиси беше ликвидирана народната власт“, со овие зборови Костадин Ќуљумов, началник во милицијата и припадник на комунистичката „Државна безбедност“ ги опишува активностите на Герасим Тодоров и неговите горјани.

На 21 декември 2016 година претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев постхумно го одликува Герасим Тодоров Николов со орден „За граѓанска заслуга“ од I степен за заштита на човековите права и слободи и за отпор против тоталитарниот режим.



Слични Објави