Одбележуваме 78 години од убиството на големиот бугарски ликовен уметник и карикатурист Рајко Алексиев

//

Одбележуваме 78 години од убиството на познатиот бугарскиот уметник, карикатурист и колумнист Рајко Алексиев, со псевдоним Фра Дјаволо, претепан до смрт од бугарските комунисти.

Рајко Алексиев е роден на 7 март 1893 година во Пазарџик во семејството на учителот Никола Алексиев од Солун и Стојанка Белопитова, сестра на Тодор Белопитов, учесник во Априлското востание. Има тројца браќа и две сестри. Студирал литература на Софискиот универзитет и сликарство на Уметничката академија во Софија. Веќе со појавувањето на неговиот прв пејсаж во „Изложбата на младите“ во 1913 година, бугарската царица Елеонора станува една од најголемите почитувачи на неговиот талент. Истата година, уметникот одржал пет самостојни изложби.

Во 1932 година го основал неделниот весник „Штурец“. Рајко Алексиев сам ги црта сите карикатури, сам ги пишува написите, фељтоните и хумористичните минијатури, грижејќи се и за дистрибуцијата на весникот. Весникот „Штурец“ се уредувал во домот на уметникот до неговиот последен број од 8 септември 1944 година.

Неговиот тираж од 50.000 примероци во сите 12 години од постоењето, го задржал на првото место меѓу печатените изданија во Бугарија. Првиот број се распродал толку брзо што авторот морал да го препечатуваа.



Редовни соработници на „Штурец“ биле врвните бугарски интелектуалци Елин Пелин, Ангел Каралијчев, Димитар Подврзачов, Димитар Талев, Стојан Чилингиров, Георги Рајчев, Тома Измирлиев, карикатуристите Илија Бешков и Стојан Венев. Весникот не пропуштил ниту еден број дури и за време на Втората светска војна.

Како долгогодишен претседател на Сојузот на ликовните уметници, Рајко Алексиев ја организирал поддршката на своите колеги кои останале без покрив над главата по бомбардирањето на Софија. Успеал да добие сума од 2 милиони лева од Министерството за финансии, со кои ги спасил од гладна смрт семејствата на многу ликовни уметници евакуирани во различни делови на Бугарија.

Со своите успеси, а и со својот често остар хумор, Рајко Алексиев си создал доста непријатели. Во последните денови пред државниот удар на 9 септември тој постојано бил предупредуван од неговите роднини да ја напушти земјата. Сепак, Алексиев одбива да верува дека е во опасност. Веднаш по државниот удар, Алексиев, кој се вратил од Чамкорија во Софија, бил уапсен како „непријател на народот“ поради неговите надалеку познати недвосмислени карикатури за Сталин. Алексиев бил претепан до смрт на 18 ноември 1944 година во Софија.

По промената на комунистичкиот режим во државата во 1989 година, тој е рехабилитиран. Сојузот на бугарски уметници ја отворил галеријата „Рајко Алексиев“.

Претходна статија

Украинците јавуваат за тешки борби на истокот, додека Русија цели на енергетските капацитети

Следна статија

Каевски: Мицкоски добил над 50.000 евра народни пари за помалку од две години

Најново од Вести