|

Oддадена почит за загинатите бранители кај Гајре

Пред 22 години на денешен ден во близина на селото Гајре загинаа Влатко Миленковски, Благојче Силјановски и Пеце Матичевски од Битола и Новаци, воени резервисти, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот корпус, во конфликтот од 2001 година.

Пред споменикот на загинатите бранители „Ангел“ кај Саат-кулата и споменикот кај поранешната касарна „Стив Наумов“ им беше оддадена почит на прерано загинатите бранители.

Во нивна чест, во име на Општина Битола, на двете локации цвеќе положи заменик-градоначалникот Бојан Бојковски, како и семејствата на загинатите, колегите, воени старешини, делегации од политичките парии, Сојузот на борците и други поединци и здруженија.

Организатор на комеморативните настани е Министерството за одбрана – Регионално одделение за одбрана Битола, кои покрај чествувањето на претходно споменатите локации, организираа полагање цвеќе на гробовите на загинатите во Битола и Новаци. Во текот на денот се одржува меморијалниот турнир во мал фудбал во спортската сала „Боро Чурлевски“ по што ќе бидат доделени дипломи и благодарници.



Слични Објави