Одлучен „Титаник“ на Апелација: сите условни казни, за Миле Јанакиески – затвор
Апелација преиначи дел од казните за обвинетите во предметот „Титаник“, а дел и потврди. Единствено, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески доби затворска казна, која сега е 3,6 години. За Мартин Протоѓер – останува условната осуда. Гордана Јанкуловска сега добива условна осуда наместо 2,5 години казна затвор. Мунир Пепиќ исто добива условна осуда наместо една година затвор.
„Од аспект на суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, советот на овој суд ги разгледа детално елаборираните наводи во жалбите истакнати во насока дека признанието на вина на обвинетите е манливо, пред се, поради фактот дека не е конкретизирано кој од обвинетите за кое кривично дело дал признание на вина и по кој обвинителен акт е постапувано, а воедно да признанието на поттикнувачите и помагачите не може да биде прифатено како правнорелевантно поради неутврдена вина со правосилна одлука спрема извршителите на кривичните дела, кои наводи советот на овој суд ги ценеше, но истите не ги прифати за основани“, се вели во мал дел од образложението на пресудата.
Пресудата на Апелација е напишана на 29 страници.
Обвинетите беа гонети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Освен тие што признаа вина, обвинети во „Титаник“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, ексгенералниот секретар на тогашната влада, Кирил Божиновски, поранешниот пратеник Илија Димовски, некогашниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, како и уште други 12 обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Пресуда за „Титаник“: Јанакиески и Јанкуловска добија затворски казни, Протуѓер условна