| |

Односите Скопје-Софија никогаш не биле подобри?!

Пишува: Владимир Перев

1.
Никогаш во последниве стотина и повеќе години, односите на релацијата Скопје-Софија не биле по добри. поточно речено, за прв пат по 19-ти мај 1934 година, односите меѓу македонската/македонистичката општност и Бугарија се јасни, чисти и без никакви мисли кои будат сомневања за некакви “задни“ намери во меѓусебното општење. Факт е дека Македонија не постоеше како држава во периодот од 1918 година до 1944 година, кога беше именувана како Вардарска Бановина, со непризнат национален идентитет, поточно сите бевме Јжносрбијанци. По 2 август 1944 година Македонија стана федерална република со некаков нејасен полудржавен статус и призната македонска нација и јазик, за сето тоа да добие државност по Референдумот во 1992 година, со силна нагласка на самостојноста на државата и “дамнешниот“ историски континуитет на нацијата и јазикот. Но, проблемите со националниот континуитет назад во историјата се евидентни, а за проблемот со јазикот, најдобро е да го цитираме Љупчо Коцарев, експретседателот на МАНУ: “Внесувањето на македонскиот јазик во ООН, иако во референтниот документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите – се користи кратенката UNTERM, за разлика од 2022 година, веќе не постои податокот „македонски јазик“! Значи, всушност има само признавање на литературниот (државниот) македонски јазик, но не и признавање на македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум“. (Нова Македонија, 10.10.2024 година)

2.
Така, прашањето за временскиот континуум (броено наназад) на етногенезата на македонската нација и јазик, сега веќе е тема на опсудување на повеќе меѓународни фактори, па одамна прифатените македонски позиции, се предмет на сериозни анализи. Одамна помина времето кога некакви протоколарни југословенски делегации, предводени од Добривоје Видиќ и Крсте Црвенковски одеа на разговори со Тодор Живков во Софија и таму, на лице место му налагаа мненија за македонскиот идентитет кои беа далеку од здравиот разум. Тато сето тоа го прифаќаше, Сенката на Москва и долгата рака на Брежнев наредуваа Софија да молчи, како единствен начин превртливиот Тито барем делимично да остане во советската орбита.

3.
Во македонско – српските политички и историски пространства, погрешно се толкуваат собитијата од Втората балканска и Првата светска војна. Навистина, Бугарија беше на страната на поразените, но таа не ја изгуби војната, во класична смисла на победена земја. Во Бугарија не влегоа странски војски, немаше одземање на бугарските имоти, немаше странски знамиња на нивните институции. Ове две војни ги изгуби Македонија. На нејзината територија се вееја туѓи знамиња, низ неа врвеа странски војски, бели, црни, и секакви странски солдати. Македонија беше окупирана, нејзиното богатство разграбено, а елитниот и свесниот дел од населенито, заминат во емиграција, најчесто во Бугарија која ја чувствуваа како своја држава и во САД.

4.
Вистинскиот пораз на Бугарија започна на 19-ти мај 1934 година, кога група авантуристи и платеници на НКВД и руските/советските/југословенските кралски разузнавачи изврши воен пореврат, со цел во земјата да се воведе диктатура, да се забранат партиите и организациите и таа лека полека да се приближи кон Москва. Втората цел беше да се урне монархијата и да се воведе имитација на советска селанско-земјоделска република, со амбиција Бугарија да ја отпочне “светската пролетерска револуција“, далеку пред времето на Че Гевара и модерните авантуристи и терористи. На овој преврат помагаше со целата своја енергија кралскиот дворец на Александар Први во Белград, поддржан од бројната и добро платена српска агентура во Бугарија. Крал Александар веќе се гледаше како Крал-Обединител, од Блед до Варна. Единствената видлива полза за криптокомунистите и странските агенти во Бугарија, предводени од Кимон Георгиев и Дамјан Велчев, беше конечното укинување на ВМРО на Иван Михајлов, но години потоа, овој преврат ја овозможи мирна капитулација на бугарската армија пред советските сили во септември 1944 година и одушевениот пречек на “братушките“ низ бугарските градови. Потоа, цената од “ослободувањето од монархофашизмот“ бугарите скапо ја платија, толку скапо, што сеуште има последици по социјалната, па и националната свест на обичниот бугарски човек.

5.
Со “смртта“ на ванчомихајловистичкото автономистичко ВМРО, умре и поривот, акцијата за слобода на македонските бугари. Остана само надежта и илузиите дека нешто во иднина ќе се промени. Навистина се промени во 1941-44 година, но тоа беше само бледа реплика на херојството на Организацијата и нејзините лидери. Во Македонија власта ја држеше една до крај русизирана армија и корумпирана полиција која знаеше само за елементарно насилие. Македонските бугари беа ставени на страна од раководењето со Македонија како територија и политички чинител во севкупната бугарска власт, а новодојденци раководеа со армијата. а корумпирани типови со полицијата. Резултатот е јасен, се испеаја песни за бугарскиот “фашизам“, меѓутоа бројот на жртвите во Македонија во Втората светска војна, по број на жители е најмал во Европа, во периодот од 20 април 1941 до 5 септември 1944 година.

6.
Треба да се запомни датата 27 октомври 2021 година. Тогаш бугарскиот претседател Румен Радев прими делегација на македонските бугари, за да проговорат за своите проблеми, насилијата врз нив и нивниот идентитет, како и потребата од заштита, потребата Бугарија да ги заштити човековите права над делот од нејзиниот народ останат во Македонија. Никогаш, ниту еден бугарски претседател или премиер не примил јавно делегација или поединечно некои од македонските бугари. Не говорам за конвертитите од типот на Венко Марковски и другите нкаведеовци, нашироко примани со бројни почести во Софија. Овде, со Радев се случи народот…колку тоа и да звучи наивно. Дотогаш, поточно до 1943 година, македонските бугари биле примани само во Дворецот и со тоа се завршувала нивната политичка ролја.

7.
Да не навлегуваме во репризирање на “култот на личноста“, толку омилен кај бившите југословенски народи, во СССР и во комунистичка Кина. Не беше само Радев. Тоа беше целото бугарско општество, тука беше сенката на силниот Бојко Борисов и актуелната ролја на министерките Екатерина Захариева и Теодора Генчовска…тука беа и позициите на бугарскиот парламент, јасно и гласно напишани во заедничка декларација. Тоа беше целото бугарско општество, речи си без исклучоци. Но Радев како претседател, сето тоа го обединуваше и персонализираше, станувајќи навистина огромната и силна фигура, врз која беа упатени погледите на целокупното македонско општество. Сите внимателно го следевме и го следиме; како што внимаваат на него сите македонистички политичари и историчари, така внимаваат и македонските бугари. Никогаш, ниту еден бугарски претседател немал такво внимание во македонското општество, никој не уживал толку неподелени омрази и почит. Одамна помина времето кога македонските, па и некои бугарски новинари, се лигавеа пред Жељу Желев и неговата книга “Фашизмот“, која впрочем овде никој и не ја разбра. Кутриот Желев, требаше да го поднесе надменото игнорирање од Глигоров, да ја сочува својата љубезност и да верува дека, ете така некако, ќе се решат проблемите на линијата Скопје-Софија.

8.
Увредите упатени кон Захариева, па и Генчовска, изречени од македонски јавни личности, беа млако санкционирани, најчесто премолчени и одминати, како никој никогаш ништо да не рекол. Остана омразата кон Радев и често пати нашиот овдешен познат невоздржан вокабулар. Трагично е и да се помисли, а камо ли да се каже дека омразата кон Радев и исцело кон Бугарија, ги обедини македонските бугари, ја подигна нивата самосвест и јасно ја посочи нуждата од отпор…се возбуди стариот Организационен дух, да се оди во борба до крај.

9.
На линијата Скопје-Софија нема нејаснотии, нема недоречености, нема илузии. Тоа е добар почеток. Сите навреди се изречени, сите обвинувања се искажани, целата дволичност на македонските политичари е јасна и видлива. Во моментов немаат спаринг – партнер во Бугарија. Невнесувањето на македонските бугари во Уставот е чист чин на омраза и стигма, а барањето за реципроцитет е само барање за заложништво на сопствените граѓани во името на една невозможна мисија. Значи, сѐ е речено и напишано, ништо не е премолчено! Затоа треба да се каже – ситуацијата никогаш не била по јасна и по добра, треба да се почне со конкретни дејствија

Тоа ветува добар почеток за идните односи меѓу двете самостојни држави и двата братски народи!



Слични Објави