Одржана седница на Советот за безбедност – состојба во земјата е стабилна, но мора будно да се следи

/

Во Кабинетот на претседателот се одржа 15. седница на Советот за безбедност на која се разговараше за безбедносната состојба во земјава и регионот поврзана со руската агресија врз Украина.

На седницата беа присутни редовните членови на Советот: претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и членовите именувани од претседателот: Трајан Гоцевски, Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.

На покана на претседателот, на седницата на Советот присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, заменик-директорот на Агенцијата за национална безбедност и Началникот на Генералштабот на Армијата.

На седницата линковски се вклучија и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО и амбасадорот во Киев, кои информираа за најновите случувања во Украина и за преземените активности во рамки на НАТО.

„На седницата беа осудени воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета.
Безбедносната состојба во земјата е стабилна. Земјава има доволно стокови резерви и енергенси. Надлежните институции секојдневно ќе ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба.
Државата ги презеде неопходните мерки за безбедна евакуација на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина.
Во редовна координација сме со НАТО сојузниците во однос на идните активности кои ќе се преземат.
Советот за безбедност апелира до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО“, напиша на својата официјална facebook страна претседателот на РСМ, Стево Пендаровски.





Претходна статија

Кулеба: Победете ја Русија со остри санкции, заедно ќе ја запреме руската агресија

Следна статија

Во Киев воведен полициски час

Најново од Вести