| | |

Официјалното гласило на Бугарија: 146 години „Државен весник“

На 28 јули 1879 година со указ бр. 12 на бугарскиот кнез Александар I Батенберг се создава „Државен весник“ како официјално издание на тогашното Кнежество Бугарија, пишува БГНЕС.

Весникот е создаден малку по донесувањето на Трновскиот устав, со цел да обезбеди јавност и достапност на нормативните акти, усвоени од Народното собрание и владата. Тој има за цел да го информира народот за стапувањето во сила на законодавните и административните одлуки.

Со текот на годините весникот поминува низ различни етапи на развој, но ја задржува својата основна функција – да служи како официјален извор на правни информации. Со текот на времето кон неговата содржина се додаваат и огласи за јавни набавки, судски известувања и други административни документи.

Денес „Државен весник“ се издава од Народното собрание на Република Бугарија и продолжува да биде неизоставен дел од правниот живот на земјата. Со навлегувањето на новите технологии денес има веб-страница, каде што секој може да ги види и прочита усвоените одлуки и закони од бугарскиот парламент.

Со текот на годините „Државен весник“ објавил бројни клучни акти од бугарската историја. Меѓу поновите се Законот за прогласување на комунистичкиот режим за злосторнички (2000). Во 1997 година се објавени актите за воведување на валутниот борд и државниот грб. Во поново време следат измените на Изборниот законик (2016), намалувањето на составот на Регулаторната комисија за енергетика (2022), трудовите реформи со европски насоки (2022), како и образовните промени поврзани со правата на учениците и родителите (2024). Овие документи ја покажуваат значајната улога на „Државен весник“ како официјален извор на историски одлуки и законодавни промени.

Весникот има два дела, од кои официјален и неофицијален. Во официјалниот дел на „Државен весник“ можеме да најдеме укази на претседателот на Република Бугарија, акти усвоени од Народното собрание, одлуки на Уставниот суд, склучени меѓународни договори и други. Во неофицијалниот дел се објавуваат административни акти од министри и раководители на државни и општински органи, како и огласи и известувања од министерства, установи, академии, универзитети, научни институти и општини. Таму се поместуваат и судски покани, одлуки, повици за собранија и други известувања.

Создавањето на „Државен весник“ останува еден од клучните чекори во институционалното утврдување на бугарската државност по Ослободувањето и продолжува да биде симбол на правниот поредок и официјалната комуникација помеѓу власта и општеството.



Слични Објави