ОХРИДСКАТА САМОУПРАВА ЧЕКА ПАРИ ЗА ДА ГИ УРНЕ ДИВОГРАДБИТЕ НА ПЛАЖИТЕ
Уривањето на дивоизградените објекти на плажите на Охридското Езеро ќе продолжи откако ќе се обезбедат средства. Средствата останати за отстранување обезбедени од последната тендерска постапка се многу мали, а зафатите се скапи. Тоа денеска го истакна градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој појасни дека нема друг излез од ситуацијата за повторното издавање на плажите под концесија, освен нивно враќање во првобитна состојба односно на ситуација каква што биле пред да бидат дадени на стопанисување.
– Со ребалансот кој го изгласа Собранието доделени ни се шест милиони денари за имплементација на препораките од УНЕСКО. Ги чекаме тие средства да ни бидат префрлени на посебна сметка на Општината, по што ќе распишеме брза постапка и кога ќе имаме нов договор со фирма за отстранување веднаш ќе продолжиме со процесот за отстранување на дивоградбите. Скап е тој процес. Цените кои што ги добиваме на тендер се високи и тешко се наоѓа фирма за отстранување, рече Георгиески.
Што се однесува на повторното издавање на плажите под концесија, тој рече дека овој процес ќе се спроведува исклучиво согласно Планот за управување со природното и културното наследство.
– Во тек е тендерска постапка за изработка на урбанистичка документација за плажи која се надевам ќе ја завршиме до првиот месец од наредната година за да можеме од февруари да распишеме нов оглас за давање на плажите под концесија и конечно разрешување на цела таа проблематична ситуација со плажите, изјави тој.
Градоначалникот уште истакна дека нема друго решените при издавањето на плажите под концесија освен нивно враќање во првобитна состојба, односно прво да се отстранат сите објекти од просторот.
– Знам дека тие објекти се репрезентативни и навистина е штета што треба да се отстранат, но земјиштето мора да се врати во првобитна состојба. Не постои правна рамка како ние да ги легализираме тие објекти, па потоа да го издаваме земјиштето на друг сопственик кога објектот не е наш. Нема законска можност објектот да стане сопственост на Општината и да се издава таа плажа со објекти, појасни тој.

