Охридскиот договор – принудна доброволност
Facebook статус на Никица Корубин
Стабилноста на било кој систем е предуслов за неговата долгорочна одржливост и функционалност, па така и стабилноста на политичкиот систем во Северна Македонија е предуслов за долгорочна одржливост на државата и функционалност на општеството. И константното минирање, опструирање и блокирање на таа стабилност, всушност константно го девастира општеството и го предизвикува постоењето на самата држава. Така некако може да се “преведе” актуелното, разбудено преиспитување на Охридскиот рамковен договор.
Охридскиот рамковен договор, освен што е мировен договор на внатрешен воен конфликт, под меѓународно покровителство, е последователно и еден од темелите на одржливост на самата држава. Исто како што Договорите со Грција и Бугарија се другите темели за меѓународно позиционирање и одржливост на Северна Македонија.
Сите договори се договори за дефинирање на државата, државноста и постоењето во меѓународниот правен поредок. Но, тие истовремено се и основа за водење на цивилизирана и рационална политика на “вклученост”, а не “ексклузивност” на сите граѓани и нивна свест и информираност, кои се постулатите на кои почива модерна, демократска и граѓанска држава.
И како такви се задолжителната “црвена линија” и за нас, и за ЕУ и за САД и за цела меѓународна заедница. Преиспитување и проблематизирање на било кој од овие договори е преиспитување и проблематизирање на функционалноста на општеството, а последователно и опстанокот на демократска и граѓанска Северна Македонија. И така треба да се третираат сите релативизации, манипулации и опструкции од различен вид (“никогаш северна”, “рамковни вработувања”, “не за Бугарите во уставот”).
А, свесната, таргетирана и осмислена неинформираност на граѓаните за суштината на истите договори; нивната монополизација или партизација; криењето и бегањето од обврските; сатанизирање на истите; латентно одржување пред се ‘на албанофобија; оди на сметка на сите кои сега од различни причини ги преиспитуваат сите договори, а особено Охридскиот рамковен договор.
Па, пред ситуацијата да “ескалира” со нови и свежи небулози од “класичниот” тип – “рамковните вработени седат и земаат плата”, до “модерниот” тип – “во Берово се вработуваат Албанци, а живее само еден Албанец”; да се вратиме на почетокот и да го поставиме главното прашање: дали сите граѓани на државата пред 2001 година, имале еднаков третман и еднаков пристап до работа во јавните служби и администрацијата? Или со говорот на сите јавни, но пред се’ прикриени албанофоби, прашањето би гласело вака: дали Македонците, без постоење на “принуда” во форма на “балансер”, би вработиле Албанци (или друг етнос), наместо Македонци во јавните служби и администрацијата, “базирано на квалитет, а не подобност”?
И ако ова ви се чини како “етнизирање” на проблемот, само делумно е точно. Затоа што во однос на партизираноста, клиентелизмот и непотизмот; Северна Македонија нема еднаков третман на сопствените граѓани, и јавните служби и администрацијата не се подеднакво достапни за сите. Но, таа “недостапност” изворно не е креирана од Албанците, туку од Македонците. И тоа од “избраните и подобни” Македонци. Албанците тука се двојни жртви, и по етничка линија и по линија на подобност.
И наместо константно да паѓаме во замката на “контролираната јавност” дека само “Албанците незаслужено се вработуваат”, не е лошо за промена да видиме колку “заслужено се вработени Македонците” или кои се “заслужните и подобните” вработени. Ако, толку не ни е битен етничкиот елемент, на сметка на квалитетот; што е битно ако сите новопримени вработени во Македонски Шуми во подружницата во Берово, се Албанци?
Не смеат ли Албанците да живеат и работат во Берово, ако тоа го сакаат? По таа логика, зошто за нас Скопјаните, би било прифатливо да живеат и работат граѓани од цела Македонија во Скопје? “Скопје на Скопјаните, Берово на Беровчаните; а Македонија на Македонците”. Тоа е пораката која треба да се прати?
И ако ова не е класичен шовинизам со примеси на фашизам и флагрантна албанофобија, невешто скриена во “вештини и меритократија” при вработување; со која свесно се рушат постулатите на целиот систем; тогаш е исходот на децениското глумење на демократска држава, под закрилата на “заробеното општество”, во кое партиите се само параванот.
Затоа што, ако има вистинска грижа за државата, кој тогаш се осмелува да го предизвика уставот и правото на “соодветна и правична застапеност”, наместо првата грижа да биде, за целиот “заробен систем” на сите нивоа (медиумски, политички, бизнис, академски, аналитички, синдикален), од кој треба да се бара одговор: а, како точно се доаѓа на секоја позиција поединенечно, позиција на моќ и влијание, локална, централна, административна?
Кој е тој “договор” кој гарантира недопирливост, “стручност”, заштита, привилегирана позиција? Тоа е “прашањето над прашањата” за секој граѓанин, ако сака да разбере на каква застрашувачка пропаганда е константно изложен.
И тогаш ќе биде многу појасно, дека ако има свест и знаење за “слобода на доброволност”, нема потреба од “обврска за принудност”. Ниту за Охридскиот рамковен договор, ниту за одбивањето државата да биде држава за сите. Затоа што теоретската уставна поставеност, во пракса треба да биде “еднаква можност за секого”, што по автоматизам ќе продуцира квалитет; на сметка “на предноста” на некои, која предност низ годините, денес ја квалификуваат како “професионалност”.
А, единствено што е професионално е “професионалната омраза” за заробување на државата во нејзиниот совршен “статус кво” статус. Држава по мерка на “елитите”. Оние локалните, наследените и регионалните. Таа “држава” ли е загрижена за договорите што “живот значат”, за нашата заедничка држава?