| |

„Бермудски триаголник” до нас – спас или пропаст?

Facebook статус на Никица Корубин

Три клучни настани, од изминативе денови и недели, нашата “јавност” ги држи невидливи или селективно видливи. А, сите три се кај нас или до нас, сеедно, во контекст на свесната и помогната блокада на нашето целосно интегрирање во ЕУ, клучни и за нас. Како помагање или одмагање, зависно од тоа уште колку долго и колку успешно сите партиско/политички и клановски актери, ќе можат да ја кријата вистинската намера спакувана во мантрата “ние сме за ЕУ”.

Првиот настан е Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, која треба да биде донесена од страна на Обединетите нации, која така перфектно составена, во стилот на “историја и вистина базирана на факти”, не само што го осудува и квалификува самиот геноцид, туку преку воспоставување на конкретен датум за негово обележување, ги осудува сите оние кои го негираат самиот геноцид (а, тоа се починителите), и поттикнуваат преку образовниот процес, правилно третирање на овој трагичен настан.

Што не’ враќа на фактот дека Северна Македонија, го има осудено геноцидот во Сребреница, преку усвојување на Резолуцијата на Европскиот парламент од 2009 години, во нашиот парламент “последна од земјите на поранешна СФРЈ” една година подоцна, во 2010 година, и тоа после жестоките реакции на тогашниот европски амбасадор Фуере дека “недозволиво е тоа што Македонија, покрај Србија е единствената земја во регионот, која тоа се’ уште не го направила”.

Па, оттаму логично е прашањето, како на оваа тема комуницираме со “драгиот партнер” од Отворен Балкан, Србија, која всушност како држава, политичка и интелектуална елита, власт или опозиција, сеедно, со некакви траги на нормалност во форма на поединечни ставови; не само што не го признава направениот геноцид во Сребреница, туку активно ги велича неговите извршители? Солидарен ли е молкот на “јавноста” на оваа тема, каде се форсира во нашиот медиумски простор, великосрпскиот геноциден став?

Вториот настан е очекуваниот влез на Косово во Советот на Европа, кој е политички настан од големо знаење, како за самата држава Косово и нејзините граѓани; така и за регионот, и контекстот кој се гради, во која одамна требаше да биде суштински правилно, а не декларативно појавно, позиционирана и активно вклучена и Северна Македонија. Особено, затоа што во оваа “операција” е директно вклучена и Грција, нејзиниот (променет) став кон Косово, но поважно и кон Србија. Ние веќе нели, имаме стратешко партнерство со Грција, после Преспанскиот договор, па логично, активно лобираме и го поддржуваме членството на Косово во Советот на Европа, медуимски темелно покриено. Не? Повторно молк и “страната на Србија”? Повторно “никогаш Северна”? Повторно активно минирање и опструирање на сопствените интереси и позиција?

И третиот настан, кој е директно и екслузивно за нас, кристално јасен и математички прецизен е изјавата на Оливер Вархеји, еврокомесарот за проширување на ЕУ, дека: “Критериумите се многу јасни од 2022 година наваму, кога беше усвоена Преговарачката рамка. Тие треба да бидат исполнети и во таа смисла не очекувам никаква промена. Не сметам дека државите-членки ќе ги преразгледаат условите. Јасно е дека тие треба да бидат исполнети”. Дадена од соседна Бугарија, за да нема никаква “забуна и дилема”, за локалните итроштини од типот на “бугарски диктат”, преку ” чекањето ЕУ да се реформира”, до последната молба на актуелниот претседател и претседателски кандидат до ВМРО-ДПМНЕ, да “не ја репреговарале преговарачката рамка, за да не сме изгубеле уште 20 години”. Само уште да се договорат, “јавните непријатели”, дали меѓу себе ќе ја репреговараат, затоа што со ЕУ очигледно нема.

И токму оваа перфидна легитимација на апсурден, деструктивен и анти-ЕУ став, за фиктивни “репреговарања”, не’ враќа на почетокот на текстот: кому помагаат, а кому одмагаат овие навидум, раздвоени, а всушност контекстуално поврзани настани? Односот кон нив, имањето, односно немањето став по нив, нивно релативизирање или афирмирање, нивното медиумско криење или нивното медиумско форсирање; е поголем одговор од било што друго.

Затоа што формално-правно, Северна Македонија, односно нејзините “елити”, декларативно ќе ги поддржи сите три настани, а суштински и темелно, ќе ги дезавуира и дискредитира, на сите начини и форми, кои и/им стојат на располагање. Како и за се’ друго, а особено најексплоатираното: “ние сме за ЕУ, ама ако може ЕУ не кај нас”. Или страшниот пандан: “ние сме НАТО, ама зошто и НАТО кај нас”.

Затоа што инаку, ќе треба и суштински, а не декларативно да бидеме на иста линија со стратешките партнери и први соседи, демократските Грција и Бугарија, членки на ЕУ и НАТО, а ние го бираме авторитарниот и антиевропски сосед, кој негира геноцид, ги попречува соседите, го негува “српскиот свет”, како иредентистичка алатка, спремајќи се за “црковно-народниот” велигденски собир, во квази византиски, и изворно хегемонистички манир. Во кој сигурно нема да ја видиме “автономната” МПЦ-ОА, како “политички” репрезент на нашите црковно здружени партиски елити. Идентитетски.

Овој метафорички “бермудски триаголник”, веднаш до нас мистериозно може да не’ вовлече и вшмука; или со “алатките” кои постојано европските партнери и САД ни ги даваат, во форма на договори и позиција што треба да ја заземеме, ефективно да го избегнеме. Зависно од тоа дали сакаме да живееме “на дното или на површината”. На површината има светлина, токму онаа, која нашата “јавност” преку клановско, медиумски и партиско-политичкиот естаблишмент, се труди никогаш да не ја видиме. Ама, слично како и со вистината, кога еднаш работите “ќе се осветлат и ќе станат видливи”, нема враќање назад. Тешко оди “криењето” деновиве, светло е, пролет е.

Слични Објави