ОЈО: Истрага за обид за убиство и насилство во Струга – двајца осомничени, едниот со повеќе убодни повреди врз жртвата
Основното јавно обвинителство Струга донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени за сериозни кривични дела во врска со инцидент што се случил на 2 август 2025 година. Едниот од осомничените се товари за обид за убиство и насилство, додека вториот е осомничен дека му помогнал во извршувањето на делото.
Како што информира Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, настанот се случил поради претходно нарушени меѓусебни односи меѓу осомничените и оштетениот. Вториот осомничен, управувајќи возило марка БМВ Х6, го попречил патот на автомобил Фолксваген Голф 7 во кој се наоѓал оштетениот заедно со уште едно лице.
Двајцата осомничени излегле од возилото и физички ги нападнале оштетените, удирајќи ги со тупаници. Првиот осомничен потоа извадил нож и му нанел повеќе убодни рани на оштетениот – во пределот на стомакот, надлактицата и вратот, предизвикувајќи тешки телесни повреди. Во текот на нападот, вториот осомничен го поттикнувал првиот да го доврши делото, активно учествувајќи во насилството.
При обид да ги спречи, сведокот-оштетен исто така бил нападнат – првиот осомничен му нанел расекотина на раката со ножот, предизвикувајќи чувство на загрозеност и страв во јавноста.
Постапувајќи по настанот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Струга поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Истрагата е во тек.
