|

Оливер Митковски и Андреја Салпe вторпат во МНТ ќе го изведат поетско-музичкиот електронски акт „Поетроника“

Поетско-музичкиот проект „Поетроника“ на двајцата современи уметници, Оливер Митковски и Андреја Салпе, ќе биде изведен денес во живо вторпат на малата сцена во Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот.

Публиката ќе има можност да проследи речиси двочасовен перформанс на Митковски и Салпе, каде што на мошне современ и динамичен начин успеваат да ја реинвентираат и осовременат македонската уметничка форма и да фрлат ново светло на македонскиот пишан збор приспособувајќи го на современото време и потенцијално приближувајќи го до новата и млада генерација.

Во низата музичко-поетски делници Салпе и Митковски успеваат да реактуализираат дел од македонските поетски великани, меѓу кои Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски и Игор Исаковски. Понатаму, „Необичниот живот на Наташа Целакоска“ е необична, интересна и речиси непозната песна од Горан Петревски (професор на Економскиот факултет по монетарна политика), која токму поради ингениозниот контекст звучи како вистинско мало ремек-дело. Здравиот контекст на „Поетроника“ открива нови аспекти на стиховите од авторите Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески, кои припаѓаат на актуелната генерација, а прекрасно успева да блесне и „Осаменост“ на подзаборавената и трагично починатата поетеса Радмила Трифуновска.

Овој автентичен и висококвалитетен домашен уметнички продукт ќе биде издаден за дискографската куќа „ПМГ џез“.



Слични Објави