Реакција на поранешното здружение ,,Иван Михајлов” Битола: Скандална пресуда – македонското правосудство со двојни стандарди против Бугарите
Поранешното здружение ,,Иван Михајлов “ од Битола на својот Facebook профил објави реакција по донесувањето на пресудата за двајцата напаѓачи на поранешниот секретар на згаснатото здружение ,,Цар Борис III” Христијан Пендиков. Обвинетите Илија Спасески и Борче Ангелов добија по 8 месеци ефективна казна затвор за претепувањето на Пендиков кое се случи на 19-ти јануари 2023 година во Охрид.
Ви ја пренесуваме реакцијата на поранешното здружение ,,Иван Михајлов” од Битола во целост и без уредувачка интервенција
„Судот во Охрид на двајцата напаѓачи на Христијан Пендиков им одреди само осум месеци затвор, не признавајќи дека нападот е мотивиран од омраза. И покрај тешките повреди – скршена вилица, испукани пршлени и испукани ребра – судијата изрече минимални казни со кои ефективно се озакони насилството врз македонските Бугари.
Оваа пресуда е уште еден доказ за двојниот аршин на македонската правда. Додека бугарските културни клубови се затвораат со репресивни мерки, се фабрикуваат политички тужби против македонските Бугари – исто како во мрачните времиња на комунизмот. А кога се жртви на насилство поради нивниот национален идентитет, судот покажува необјаснива попустливост кон напаѓачите. Со овој случај македонскиот правосуден систем уште еднаш докажа дека наместо да гарантира правда, се користи како алатка за заплашување и угнетување на една заедница“, стои во реакцијата на поранешното здружение „Иван Михајлов“ од Битола, објавена на нивниот Facebook профил.
