ШТО Е ПООПАСНО: КОРОНА ИЛИ МОРОН(А) ВИРУСОТ?

//

И јас да напишам нешто, не дека знам што пишувам за разлика од многуте експерти кои се појавија во последно време во голем суфицит. За жал, истото не можеме да го кажеме за државниот буџет но не може да се има сѐ, нели? Имаме дефицит на буџет а суфицит на експерти, каква ли само комбинација?!

Во последно време актуелен е брендот корона вирус. Бренд за почит, најрекламиран, присутен е насекаде. Бренд кој го освои светскиот пазар ги освои нашите срца и нашето внимание и да се надеваме дека нема да ги освои и нашите бели дробови.

Господа големи политичари овие неколку реда од текстот ви ги посветувам на вас. Сепак вие го посветивте вашето знаење, време и желба за нашите животи да изгледаат вака како изгледаат мизерно, бедно и потрошено. Би сакал барем малку како за почеток и јас да ви посветам малку внимание , сепак вие тоа го заслужувате. Вие заслужувате и многу повеќе но ред по ред.

Внимателно ги набљудувам вашите напори за кризен менаџмент овој период, поради глобалната пандемија на корона вирусот, која за жал ја зафати и нашата држава Македонија. Не оти сакам до толку да ве следам или анализирам, но сепак вие сте толку многу застапени во медиумскиот простор рекламирајќи го брендот корона и вашата спремност за менаџирање со истиот.

Ве молиме не го трошете времето на политички популизам, скриена форма на политика и реклами од типот колку сте добри во справувањето со пандемијата, не правите реклама. Не заборавајте дека времето е единствениот ресурс и еден од најважните во менаџирање на кризни ситуации како оваа. Задоцнетите добри одлуки се многу полоши од лоша одлука на време. Имате точно од 5 до 7 дена да почнете да донесувате правилни, храбри и претпазливи одлуки. Да се биде во исто време и многу храбар и многу претпазлив е уметност на успехот. Во спротивно целиот политички популизам сите пи-ар методи и целата розова приказна ќе се сруши како кула од карти. Бидејќи со горе споменатите методи можете дел од луѓето добро да ги изманипулирате како што тоа го правите скоро 30 години.
Но вирусот корона нема да го изманипулирате. Тој не верува во шарени лаги, убави насмевки и глума. Туку единствено со вистински труд, време, работа и посветеност може да се победи. Како што се боревте за власт, барем на пола од таа енергија да ја вложите за борба против корона вирусот и сѐ ќе биде во ред.

Никогаш не сум можел да го разберам фалењето со патиштата, со изградените споменици, со мостовите во државата. Никој не се фали повеќе со оградата во ливадата, повеќе отколку со сеното. Се фалите со мртва природа а живата природа ја заборавате. Што е поважно оградата на ливадата или главното семе-луѓето? Не се луѓето заради државата, туку државата е заради луѓето. Но Бог сакал вие да бидете власт во ова тешко време и тоа е за почит. Имате тешка од Бога избрана задача и сите ние треба да ве поддржиме во обидите на менаџирање во овој момент.



За некое време ќе заборавиме на сите ваши смешни грешки од типот на купување на цвеќиња и алкохол со народни пари во моменти на најтешката криза. Купување на лубриканти наместо респиратори. Патни трошоци наместо градење на болници и уште многу други зачудувачки потези. Ќе останеме слепи на целото тоа, само за да не ви сметаме. Понекогаш можеби внимателно ќе ве опоменеме за да помогнеме а не да ве омаловажиме, но вие ја имате целата наша поддршка за борбата со вирусот.
Секој еден предлог за поуспешно решавање на кризата , разгледајте го внимателно. Без разлика од кого доаѓа.
Да се обидеме да научиме нешто од корона вирусот. Тој не дели на нации, религии, финансиски статус, општествена положба итн. Едноставно тој напаѓа 24/7, многу е брз и не се колеба. Ние за да се одбраниме треба да ги употребиме исто така неговите методи.

Предлозите од ГДУ за колективен одмор и да се затворат конфекциите и другите производствени капацитети и да се почитуваат мерките за безбедност ве молам сфатете ги сериозно. Сега е моментот да реагирате.
Гледате дека свеста кај поголем дел од газдите не е на високо ниво за самите да го направат тоа. Има и исклучоци и секоја почит за нив, бидејќи со тоа покажуваат дека поважни им се луѓето од парите, но поголем дел своите вработени сѐ уште ги изложуваат на ризик. Знаеме дека е тешко да донесете таква одлука, бидејќи дел од газдите се ваши спонзори, но вие сте власт и имате задача да ги спасите луѓето и секако како дел од нив и газдите. Вие сте донесени на власт не само од газдите туку и од граѓаните што работат кај нив. Затоа помогнете им и на газдите и на работниците, вие сте власт за сите.
Доколку ви е тешко да ја донесете потребната одлука од економска гледна точка, самиот закон на вработените во голем дел им дозволува годишен одмор од над 20 дена најмалку. Барем за прв пат во историјата на Македонија дајте им го на вработените одморот што им следува а во летниот период не мора да се оди на одмор.
Доколку оваа одлука не ја донесете за најмногу 7 дена после тоа ќе е многу доцна. И наместо одмор, ќе започне боледување и тоа масовно. Доколку не се спроведе оваа одлука порано или подоцна сите ќе си ја платат цената која ќе биде преголема и нема да може да се плати со пари.

Вие имате голема задача пред вас и ја имате нашата поддршка во целост, бидете храбри и носете државнички одлуки. И да згрешите не е страшно. Подобро лоша одлука на време одколку добра одлука но задоцнета. Не е важно што правите туку како го правите. Луѓето ја прават државата а не државата луѓето.

Автор: Борче Пачемски, претседател на ГДУ-Штип



Претходна статија

ЗА МИЛЕНКО И МИРКА ЕУ НЕ ЧИНИ, НО И ПОКРАЈ ТОА ПОВЕЌЕ ОД 70 ИЛЈАДИ МАКЕДОНЦИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 10 ГОДИНИ ЗЕМАЛЕ ДРЖАВЈАНСТВА НА ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ

Следна статија

ИМА И ТАКВИ НАСТАВНИЦИ: ДОШОЛ СО ТАБЛА И МАРКЕРИ ПРЕД ДОМОТ НА СВОЈА УЧЕНИЧКА ЗА ДА И ЈА ОБЈАСНИ ТЕШКАТА ЗАДАЧА

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот