Оперската прима Надја Стефанов се врати на сцената во Варна по 21 година
Германската оперска пејачка со бугарско потекло Надја Стефанов во почетокот на јули ја изведе улогата на Зиглинде во премиерата „Вагнер гала“ на Варненската опера. Претставата со извадоци од „Валкира“ беше поставена во режија на Вера Немирова, а диригент беше Светослав Борисов, јавува БНР.
„Премиерата помина многу добро и многу сум среќна што публиката беше толку задоволна. Не е лесно да се изведува Вагнер во Бугарија, но мислам дека успеавме да ја воодушевиме публиката“, изјави Стефанов за Радио Бугарија. Според неа, „Валкира“ тогаш првпат била претставена во Варна.
Стефанов е родена во 70-тите години на минатиот век во Карлмарксштат, денешен Кемниц, во семејство на германска учителка и бугарскиот тенор Стефан Стефанов. Пеењето го изучувала во Дрезден, а настапувала во Ерфурт, Пфорцхајм, Бремен, Дуисбург, Штутгарт, Берлин и Бон. Од 2014 г. е солистка на Државниот театар во Мајнц. По 2012 г. преминала од мецосопрански кон сопрански репертоар.
Пејачката како дете речиси секое лето престојувала во Варна, родниот град на нејзиниот татко. „Татко ми секогаш велеше дека сака еден ден да пеам во Летниот театар. И јас го сакав тоа. Сега стана реалност“, рече таа.
Стефанов подготвува настап како Елза во „Лоенгрин“, чија премиера е најавена за октомври во Мајнц, а изрази желба повторно да настапува и на бугарската сцена.
